1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Хрватска ги фабрикуваше доказите против Србите

ЖА/бета10 март 2014

Србија денеска пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг тврдеше дека Хрватска изнесла лажни докази за обвинението за геноцид над Хрватите во текот на војната за да ги „демонизира“ Србите.

https://p.dw.com/p/1BMxY
Фотографија: picture-alliance/AP

Целта на доказниот материјал, на кој Хрватска се повикуваше пред највисокиот суд на ОН во текот на минатата недела е „демонизирање“ на Србите, засновано на фабрикувани и лажни документи, изјави застапникот на Србија, Саша Обрадовиќ.

Како пример тој наведе дека хрватскиот сведок Фрањо Кожул, „жртва на страшно злосторство“ во Вуковар, во судницата рекол дека една од пишаните изјави кои му биле покажани, а која ја зела хрватската полиција, „не е точна и тој не ја потпишал“. Според српскиот застапник, Хрватска на судот во Хаг му предала 209 такви непотпишани изјави на сведоци, а за над сто не се знае кој ги зел и со која цел.

Повторувајќи дека Србија не го оспорува извршувањето сериозни злосторства над Хрватите, Обрадовиќ сугерираше дека Хрватска настојува да ги преувеличи тие дела, претставувајќи докази кои сама ги направила, а кои се неупотребливи, односно недозволливи пред кој било суд.

Претставникот на Србија истакна дека Хрватска како докази претставувала извештаи направени од нејзината полиција, „која не може да се смета за непристрасна“. Таа полиција и другите хрватски органи, според српската делегација, биле вмешани во одбраната на генерал Анте Готовина од обвинувањата за прогон над краишките Срби пред Хашкиот трибунал.

Обрадовиќ како доказ ја цитираше изјавата на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ од 2012. година дека соработката на Загреб со Трибуналот била „лажна“, дури обележана со лажирање докази.

Српскиот претставник истакна дека над Хрватите тешки злосторства направиле „групи и поединци од српска националност“ и дека Србија ги осудува тие злодела, жали што се извршени и сочувствува со жртвите и нивните семејства.

Хрватска, тврди Обрадовиќ, не поднесе ниту еден документ или изјава со докази за „геноцидни намери“ на српските власти и трупи во текот на војната во Хрватска од 1991 до 1995. година.

Србија утре ќе продолжи да одговара на тужбата на Хрватска, а од среда ќе изложува аргументи за својата контратужба дека власта во Загреб во 1995. година извршила геноцид над Србите од Книнска крајина во текот на операцијата „Бура“.

Втората рунда на размена на аргументи, со паузи, ќе биде од 20. март до 1. април.

Хрватска својата тужба за геноцид против тогашната СРЈ ја поднесе во јули 1999. година, додека Србија одговори со контра-тужба во јануари 2010.