Србија се обидува да ја дестабилизира БиХ?
27 август 2011Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, побара од Република Српска да и` даде поддршка на Босна и Херцеговина, со цел на следното Генерално собрание на ОН да се изгласа предлогот на Србија за осуда на насилството во северниот дел на Косово. Неговото барање различно се толкува во Босна и Херцеговина.
Во Република Српска тоа наиде на општо разбирање и поддршка, но во федерацијата Босна и Херцеговина сметаат дека шефот на српската дипломатија повторно ги игнорирал босанските државни институции, во прв ред Претседателството на БиХ, кое меѓу другото е задолжено и за креирање на надворешната политика на земјата.
Уцени и закани за дестабилизација на БиХ
Јеремиќ во Бања Лука истакна дека пораката на германската канцеларка Ангела Меркел за укинување на српските паралелни институции на северот од Косово „може да има стратешки последици на Балканот.“ Тој не прецизира на што конкретно мисли, но додаде дека Западен Балкан го очекуваат „сложени времиња.“ Политичкиот аналитичар Пејо Гашпаревиќ забележува дека во изјавите на Јеремиќ се крие извесна доза на закана.
„Во неговите зборови се забележува одек од некогашното самопоимање на Србија како ’џандар’ на Балканот. Меѓутоа, околностите се променија, се создадоа нови држави, се распадна поранешна Југославија, а се промени и геополитичката комбинаторика во овој дел од светот. Со оглед на тоа, и други држави имаат право на збор, а не само Србија“, вели Гашпаревиќ.
Потпретседателот на Социјалдемократската унија Миро Лазовиќ вели дека „тоа не е првпат Србија преку Република Српска и Додиќ да се меша во внатрешните работи на Босна и Херцеговина.“
Тој смета дека своето незадоволство од меѓународната политика кон Косово српските државници го искажуваат преку уцени и закани за дестабилизација на регионот преку Република Српска. „Дејтонскиот договор, Република Српска и нејзиниот однос кон сопствената држава Босна и Херцеговина се клучните проблеми во регионот“, смета Лазовиќ.
Како да се договора со членовите на претседателството на БиХ?
Политичкиот аналитичар и професор од Бања Лука, Миодраг Живановиќ, пак, не е убеден дека последниот настап на Јеремиќ претставува мешање во внатрешните работи на БиХ. Оправдување за барањето на шефот на српската дипломатија до лидерите на Република Српска Живановиќ гледа во „нефункционирањето на државното Претседателство во постоечките околности.“
„Нашиот шеф на државата има три различни става по секое можно прашање, па дури и најмалото. Со таков шеф на држава ниту еден друг државник или обичен граѓанин не може ништо да договори,“ вели Живановиќ.
Аналитичарите се единствени во оценката дека односите во регионот можат да бидат нарушени и од коментарот на Јеремиќ околу изјавата на хрватската премиерка Јадранка Косор. Таа за време на посетата на Приштина истакна дека Хрватска е најдобриот пријател на Косово во регионот. Јеремиќ истакна дека „оној, кому Јадранка Косор му е пријател, нема потреба од непријатели.“
Аналитичарот Пејо Гашпаревиќ оценува дека коментарот на Јеремиќ е знак за дипломатската несигурност на Белград, по барањето на канцеларката Меркел за повлекување на паралелните српски институции од северно Косово. „Но, изјавата може да се набљудува и низ призмата на политичките односи во политички поделената Србија. Сепак, ова е предизборна година за Белград“, додава Гашпаревиќ.
Во врска со претстојната расправа околу Косово во Советот за безбедност на ОН, Босна и Херцеговина ќе настапи со сопствен став, донесен врз основа на сопствените интереси, а не на српските или косовските. Тоа го соопшти претседавачот на босанското претседателство, Жељко Комшиќ, нагласувајќи дека „Босна и Херцеговина нема да поднесува ништо заеднички со Србија во Советот за безбедност.“
Автор: Самир Хусеиновиќ/Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска