1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и‘ враќа „мило за драго“ на Хрватска

4 јануари 2010

Србија поднесува (04.01.2010) контратужба против Хрватска за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Вакви процеси се трошење време и дополнително ги компликуваат односите на земјите, оценуваат експерти во Белград.

https://p.dw.com/p/LFhf
Седиштето на Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: Internationaler Gerichtshof

Српскиот државен врв денеска поднесе контратужба против Хрватска за геноцид. Некои белградски стручњаци за меѓународно право наведуваат дека во Хрватска немало геноцид и поради тоа меѓусебните тужби се контрапродуктивни.

Тужбите како средство за продолжување на конфликтот?

Србија со контратужбата покажа дека има подготвен правен одговор за тужбата на Хрватска, вели Ватрослав Векариќ, член на Форумот за меѓународни односи. Меѓутоа, во случајов, освен правниот, далеку поважен е политичкиот аспект, кој е диктиран од внатрешни причини, како во Хрватска, така и во Србија, смета Векариќ:

„Јас се надевам дека по претседателските избори во Хрватска би можело да дојде до одреден поголем реализам, и оти ќе се сфати дека најнапред нема никакви изгледи правно да се добие тој спор. Второ, тој спор ги оптоварува односите на двете најважни земји во Западен Балкан, така што сите рационални причини укажуваат дека треба да се запре со тоа.“

Serbien Kriegsverbrechen Vukovar Prozess
Конфликтот од 90-те години и натаму ги оптоварува односите меѓу балканските земјиФотографија: AP

Појавувањето пред Меѓународниот суд за правдата во секој случај им наштетува на добрососедските односи меѓу Србија и Хрватска, вели надворешно-политичкиот коментатор, Драган Бисениќ. Земјите од поранешна Југославија, за жал, меѓусебните тужби ги гледаат како средство за продолжување на конфликтот. Тоа е дополнителна тема која го отежнува дијалогот, кој не смее да се води во меѓународни судници“, вели Бисениќ:

„Во секој случај, решението нема да дојде од никаков суд, или од каков било надворешен арбитар, дотолку повеќе што ниту една од тие пресуди нема правна последица, туку повеќе една морална последица. Значи не постои некој меѓународен орган за извршување на таа правда. Во тој случај, ако се бара некој вид поддршка за политиката со која би требало некој да се дискфалификува или да ги промени позициите во тие односи, тогаш тие правни „керефеки“ не можат да придонесат за тоа. Политичкиот пат е со сигурност подиректен, поуспешен и води кон подобри резултати“, вели Бисениќ.

Контратужбата како одговор за Косово

Војната во поранешна Југославија е завршена пред речиси 15 години, но државите и политичките елити меѓусебе комуницираат како војната да е завршена пред неколку дена, забележува Ватрослав Векариќ. Тоа значи дека процесот на помирување и морално заздравување овде е многу бавен. Во таа смисла, политичките раководства се должни да го забрзаат тој процес, истакнува Векариќ:

„Точно е дека до помирување не може да дојде само преку вербални размени. Неопходни се и судски процеси. Меѓутоа важно е да се истакне дека за тоа е тука Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, кој треба да ја утврди индивидуалната одговорност. Тоа го работи Хашкиот трибунал и затоа тој е толку неопходен. А политичките извинувања, помирувања, тоа е нешто што на некој начин веќе започна и би требало на рационален и чесен начин да биде заокружено и да се отвори нова страница во односите.“

Српската контратужба, според Драган Бисениќ, на некој начин претставува и потсетување дека и Загреб и Хрватска сносат свој дел од одговорноста за случувањата во деведесеттите години. Таа исто така може да се гледа и како одговор на Белград за настапот на Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата во процесот околу легалноста на косовската независност, оценува Бисениќ.

Автор: Ивица Петровиќ / Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска