Србија и Босна и Херцеговина уште под вода
17 мај 2014Ситуацијата со поплавите во Србија и понатаму е критична. Досега според информации од властите, евакуирани се повеќе од 15.000 луѓе, но останува критична ситуацијата во Шабац. Без струја се 13 општини со околу 80.000 домаќинства. Поплавени се најмалку 1.600 објекти, а загрозени се најмалку уште 1.500, соопшти МВР на Србија.
Околу 4.000 луѓе досега се eвакуирани од српскиот град Обреновац, изјави денеска началникот на Секторот за вонредни ситуации Предраг Мариќ кој се наоѓа во тој град. Тој вели дека не е можно да се предвиди кога ќе биде завршена евакуацијата бидејќи ситуацијата е исклучително тешка. Утрово од училиште во градот се евакуираат околу 500 жени и деца а потребно е да се евакуираат итно уште најмалку 1.200.
Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ повика приватните превозници да испратат автобуси за да може сите граѓани кои се пријавиле да помогнат, да се превезат до Шабац каде ситуацијата со поплавите е критична. Кон Шабац вчера заминаа околу 10.000 луѓе кои сакаа да помогнат во спасувањето на градот од поплавите. Републичкиот Фонд за здравствена заштита соопшти синоќа дека упатиле апел до сите производители на лекови поради вонредната состојба веднаш да испорачаат потребни количини во Клиничкиот центар од каде потоа ќе се дистрибуираат до населените места и загрозените.
Државното јавно обвинителство веќе истражува случаи на злоупотреба на вонредната ситуација во државата како што е зголемување на цената на водата и прехранбени продукти и порачува дека ќе реагира во сите случаи на извршување евентуални кривични дела,
Помош за Србија поради поплавите упатија осум држави членки на Eвропската унија, Русија, САД, Израел, Хрватска и Македонија, а активирана е и српската дијаспора, како што јави Танјуг. ЕУ го активира механизмот за заштита по барање од Србија заради исклучително критичната состојба со поплавите во државата, а во прв одговор реагираа Франција, Словенија, Бугарија, Германија, Унгарија, Австрија, Чешка и Хрватска. Се очекува денеска во Србија да стигне помош и од Германија, во чии рамки има 15 спасувачи со потребна техничка опрема.
И во Босна тешка ситуација
Во БиХ на целата територија се бележи благ пад на водостојот на реките, освен во Бјелина, каде е најкритично зашто Сава се заканува да го пробие насипот. Водостојот на Сава е над нивото кое го имаше во 2010 година, кога поплави илјадници домаќинства. Цела ноќ населението се бореше против водата, зацврстувајќи го насипот. Многу патни правци во БиХ се во прекин поради поплавите и лизгањето на земјиштето.
БиХ: Поплавите ги поместија мините на непознати локации
Центарот за отстранување на мини во Босна и Херцеговина предупреди дека во поплавените подрачја водените бранови и свлечишта ги поместиле мините од одбележаните мински полиња на непознати локации. Исто така, водата ги однела и знаците за опасност. Според расположливите податоци на Центарот за отстранување мини, најзагрозени подрачја од мини се регионите Добој, Маглај, Олово, Унско-санскиот кантон и Босанска посавина, кои моментно се најпогодени од поплавите. Исто така, Центарот предуредува дека опасноста од мини е присутна во сливовите на реките Босна, Спреча, Усора и Криваја.