Србија и Албанија: Сто години тишина
11 ноември 2014Што е историско во средбата на Александар Вучиќ и Еди Рама? Историска димензија има единствено историското доцнење од речиси цел век. Двајцата се први демократски избрани претставници на двата народа кои се решија на одржување билатерална средба. Белград и Тирана се на два часа лет од Брисел или Берлин, но меѓусебната политичка и емотивна оддалеченост на тие дестинации се мери со светлосни години. Срдечно ракување со некој кого го сметаш за солиден непријател и по малку балканско шепурење е подобро отколку ништо. И подобро некогаш, отколку никогаш. Но оваа средба нема да ги реши натрупаните проблеми. Добро би било двајцата политичари макар јавно да ги наброеја проблемите. Но ниту тоа не одеше без вербално кошкање.
Рама се постави како адвокат на косовската независност. Вучиќ тоа го нарече провокација. Така Приштина беше во улога на невеста која ја сакаат двајца додворувачи. Таа може да се радува, зашто по нејзе чезнее и бившиот сопруг, кој ја малтретираше и несудениот љубовник, со кој нема да се спои и со кого засекогаш ќе ја врзува само платонска љубов. Приштина е изгледа полна со сексепил, иако е најсиромашната земја во Европа!
И Белград и Тирана ја повторуваат истата формула која Брисел радо ја слуша - ја почитуваме непроменливоста на границите. Притоа, Србија смета дека се граничи со Албанија, а Албанија смета дека се граничи со Косово.
Великодржавни соништа
Граѓаните кои ги избраа овие двајца политичари се поискрени од своите политичари. Тие со пијалок во кафеана нагаѓаат какви би биле великоспрските или великоалбанските граници. Значи, по речиси едновековни пречки во врските, постои еден официјален и еден неофицијален стремеж на Србите и Албанците. Официјалниот стремеж е видлив за сите. Двете земји сакаат да станат членки на ЕУ и таа рационална политика е условена од бриселскиот длабок џеб.
Невидливиот дел од приказната е интимен и емотивен. Многумина Срби, како и многумина Албанци, радо би живееле во држава која ги опфаќа сите нивни сонародници. Сепак, постои и разлика. Големоспрското обединување историски се потроши и од таа идеја белградската политичка класа се откажа уште кон крајот на минатиот век, под воен и политички притисок на Западот. Единствена држава во која беа собрани речиси сите Срби се викаше Југославија. Дури и кога некој се обидува да ја обнови се‘српската агенда, тоа личи или на фантазирање или на посттрауматски тикови, а не на сериозна политика. Србија веќе нема стопански и политички простор за скапи соништа.
Албанија е во нешто поинаква ситуација. Иако се ретки албанските партии кои се залагаат за големоалбанската идеја, чезнеењето за некаков вид државно национално единство е присутна во главите и срцата на многумина Албанци и надвор од Албанија - на Косово, во Македонија, Црна Гора и Грција. Сепак, тоа засега е само основа за популистички пароли на по некој политичар, но не и за солидна политика. Погрешно би било од признанието на косовската независност во западните престолнини, заснована на политичкиот и медиумски статус на жртва на косовските Албанци, да се извлече заклучок дека ќе следи поддршка за каква било големоалбанска авантура.
Сепак, ако ЕУ ја загуби својата привлечност, ќе се разбудат великодржавните соништа на малите народи. Имено, етничкиот национализам е како верската исклучивост: кога ќе се судрат две барања за апсолутна важност, кои само за себе сметаат дека се апсолутно во право, тогаш нема дијалог. Затоа двајцата премиери веќе при наредната „историска средба“ би можеле макар да го намалат историското задоцнување, потпишувајќи обемен стратешки договор за пријателство. И не би ребало да разговараат за Косово, туку со Косово.