Србите поделени околу изборите на Косово
6 јуни 2014Во општина Штрпце со мнозинско српско население не се чувствува предизборна атмосфера, ако се изземат тукушто залепените плакати и по некој билборд со натписи на поединечни партии.
Кога станува збор за излезност на изборите, граѓаните се поделени. Некои, како Снежана Сталетовиќ, се за избори, а не за бојкот, бидејќи како што вели таа „со неизлегување на изборите ќе се избришеме самите себе си - како да не постоиме“.
Се очекуваат подобри животни услови
„Од овие избори очекуваме подобрувања во многу сфери“, вели Снежана Сталетовиќ: „Колку повеќе пратеници имаме во парламентот - тоа ќе биде подобро за нас: да изградиме уште куќи и станови овде во Штрпце, да живееме подобро, а пратениците повеќе да се залагаат за нас. Со еден збор, очекувам да биде подобро“.
Еден постар господин, кој не сакаше да се претстави, е лут, бидејќи како што вели, веќе не знае што да прави и кого да го слуша. „Бев во 'Српска', а сега тие се во коалиција со СЛС (Самостојна либерална партија). Не ме интересира, не сакам да гласам. Не‘ тераа меѓусебно да се раскаруваме - соседи, роднини, браќа - а сега коалиција! Тоа никако не ми оди во глава. Не‘ користат како им е волја. До кога така?“
Поделени се и политичарите. На пример, Ненад Рашиќ претседател на Прогресивната демократска партија, изјавува дека се залага за „автохтони“ Срби, бидејќи тие, според него, „далеку подобро ќе ги разберат проблемите на своите сонародници од оние кои живеат на Косово“.
Косовската централна изборна комисија ги одби речиси половина од барањата на раселните Срби да се впишат во избирачките списоци и да гласаат на 8. јуни за изборите за парламентот на Косово. Од 29.199 барања на раселените Срби, Централната изборна комисија одобри 12.901, додека останатите се во жалбена постапка.
Како ќе гласаат раселените?
Голем број раселени Срби од околните општини, пред сѐ од Призрен, Урошевац, Гнилање и Приштина, кои веќе 15 години се сместени во мотели и одморалишта на територијата на општина Штрпце тврдат дека сите се запишани во избирачките списоци и дека без оглед што ќе се одлучи за изборите, тие ќе излезат и ќе гласаат.
„За нас раселените најдобро би било да гласаме и да ги одбереме оние кои ќе се борат конечно да се реши нашето прашање. Во спротивно, на сите ќе им дадеме до знаење дека Србите овде не постојат, а претседателот ќе ни биде Албанец“, вели Слаѓан Костиќ, кој со семејството живее во еден од колективните центри на Брезовица. „Знам дека е можеби доцна да се вратам во мој Урошевац, но барем овде да ни изградат некои куќи и да вработат барем по еден од семејството. Затоа јас сум за избори“.
Врз основа на Уставот на Косово, за Србите се предвидени десет пратенички места, а своја кандидатура пријавија пет српски политички субјекти: Српска листа, Српска либерална партија, Прогресивна демократска партија, Социјалдемократија и Движење за демократски просперитет.