Спортска година 2013
Решавачки, необични и неспортски моменти, кои му дадоа белег на спортот во светот во 2013 година.
„Крал“ на летачите
На самиот почеток на новата година, еден ден пред својот 23. роденден, Грегор Шлиренцауер - „Шлири“ се погрижи да влезе во кругот на легендите во скијачки скокови: со 45. победа во натпреварување од Светскиот куп, Австриецот Шлиренцауер по втор пат последовно ја освои традиционалната новогодишна турнеја „4 скокалници“.
Допинг-исповед
Повеќе од 13 години велосипедскиот aс Ленс Армстронг негираше дека се допингува. Во јануари 2013 тој призна дека при секој голем успех користел некакво допинг-средство: Епо, сопствена крв, кортизон или хормони за раст. Во емисијата на американска тв-водителка Опра Винфри, 41-годишниот Армстронг призна дека сите 7 победи на Тур д’Франс помеѓу 1999 и 2005 година ги постигнал под дејство на допинг.
Шпанија светски првак и во ракомет
Шпанците ја искористија предноста на домашниот терен и во финалето во јануари ја совладаа Данска. Германската репрезентација, која не се пласира за Олимпијадата, имаше солиден настап на светското првенство: беше поразена во четвртфиналето од Шпанија и на крајот беше петта, што е најдобар пласман од 2009 година наваму. Но, германските ракометари сепак не се пласираа за Европското првенство во 2014.
„Златно“ изненадување
Во алпското скијање шок - тешката повреда ја оддалечи Американката Линдзи Вон од белите патеки за повеќе месеци. На светското првенство блесна нејзиниот сонародник Тед Лигети, кој освои три златни медали. Три пати на пиедесталот се искачи и Германката Марија Хефл-Риш, а Феликс Нојројтер приреди убаво изненадување освојувајќи прв златен медал за Германија во алпско скијање во машка конкуренција.
Даночната афера на Хенес
Во април беше соопштено дека државното обвинителство води истрага против Ули Хенес, претседател на фудбалскиот клуб Бајерн, поради сомнение за даночна измама. Тоа предизвика потсмешливи коментари во Германија, оти Хенес во 2005 година нагласуваше: „Знам дека сум глупав, но јас целосно го плаќам данокот“. Во март 2014 треба да започне судењето на Хенес.
Историска „тројна круна“
Бајерн стана првак на Германија во фудбал веќе на шест кола пред крајот на првенството. Повозбудлив беше германскиот дуел во финалето на Лигата на шампионите. Со голот на Арјен Робен на две минути пред крајот Бајерн ја победи Борусија Дортмунд со 2 спрема 1. По победата во финалето Купот на Германија против Штутгарт со 3 спрема 2, Бајерн стана прва германска екипа со „тројна круна“ во една сезона.
„Бум-бум“ Бине во Вимблдон
Солзи, грч, очај - токму во најзначајниот меч во кариерата и’ попуштија нервите на германската тенисерка Сабин - „Бине“ Лизики. Во финалето на турнирот во Вимблдон се покажа дека како миленик на публиката не е лесно да се оправдаат очекувањата. Во јуни 2013 Лизики загуби во два сета во финалето против Марион Бартоли од Франција.
„Рамба-замба“ во Бразил
Новите бразилски херои со „фудбал од соништата“ ја разбија магијата на светскиот првак Шпанија и со победата од 3 спрема 0 гласно ја најавија кандидатурата за титулата на првенството во 2014 на „домашен“ терен. Но, досега ниту еден победник на Купот на конфедерациите на станал светски првак во годината потоа! Турнирот беше засенет од насилни демонстрации против ФИФА и против бразилската влада.
Тур д' Фруми
На јублијениот, 100. Тур д’Франс, решението за победникот падна во првата ридска етапа. Кристофер Фруми ја извози речиси како солист и постигна впечатлива етапна победа. Премногу впечатлива? Седум месеци по признанието на Армстронг, овој пат на Тур д’Франс, според Светскиот велосипедски сојуз (УЦИ), сите допинг-проби биле негативни. Англичанецот Фруми ја одбрани жолтата маичка до крајот на трката.
Слатка одмазда
Германската женска фудбалска репрезентација по осми пат стана европски првак. Клучна фигура во финалето против Норвешка беше Надин Ангерер, која одбрани два пенала. Победата од 1 спрема 0 на Германија и’ ја донесе голот на Ања Митаг. Тоа беше „слатка“ одмазда: во групната фаза на Европското првенство, Германија загуби од Норвешка.
Миси - шоу
Американката Миси Френклин е прва жена која на едно светско првенство во пливање освои шест златни медали. Германските претставници сите заедно освоија само десет медали, од кои три златни, и тоа во „споредните“ дисциплини - скокови во вода и пливање на долги патеки (во слободни води). Натпреварувачите во пливачките дисциплини во базен потфрлија и не освоија ниту еден медал.
Прв пат Германец е светски првак во скок со стап
Млак аплауз, гледачи кои се досадуваат, полупразни трибини - атмосфера недостојна за СП во атлетика. Усаин Болт од Јамајка во август во Москва ги оправда очекувањата и освои 3 златни медали. И Германците беа во топ-форма. Рафаел Холцдепе е прв Германец кој стана светски првак во скок со стап. Роберт Хартинг, трет пат последовно шампион во фрлање диск, стана спортист на годината во Германија.
Бах на Олимп
За првпат Германец застана на чело на Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Томас Бах, олимписки шампион во мечување од 1976, во септември 2013 е избран за претседател на МОК. Формално тој сега е најмоќен човек во светскиот спорт. Но, ќе може ли независно да ја врши функцијата? Многу критики предизвика подршката за Бах од страна на кувајтскиот шеик Ахмед ал-Сабах.
Драма пред брегот на Сан Франциско
Тоа беше еден од најголемите пресврти во спортската историја. Тимот од Нов Зеланд водеше против американскиот „Оракл“ со 8 спрема 1, но на крајот, во решавачката 19. регата успеа да дојде до победа од 9 спрема 8. Најзначајниот светски трофеј во едрење на крајот на септември сепак остана во витрините на бранителот на титулата.
Фетелманија
За некои беше здодевно, но најголем дел од љубителите се поклонуваат пред Себастијан Фетел. Тој во октомври ја обезбеди 4. последовна титула светски првак во автомобилизам Ф1. Таква серија пред него успеаја да постигнат само Хуан Мануел Фанџо и Михаел Шумахер. Конкуренцијата ја застрашува фактот дека Германецот Фетел има само 26 години и ни оддалеку не е на повидок крај на неговата кариера.