1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Споменици само за „нашите“ жртви

Уна Сабљаковиќ
7 јуни 2021

Во Батајница, каде имаше масовни гробници со албански жртви, сега се планира изградба на меморијален комплекс на настраданите Срби. Исто е во целиот регион – споменици им се креваат само на жртвите од мнозинскиот народ.

https://p.dw.com/p/3uRUD
Slowaken lernen aus Balkankriegen | serbische Mutter beweint ihren Sohn
Фотографија: DW/M. Sekulic

Кон средината на мај, главниот градски архитект во Белград, Марко Стојчиќ изјави дека на територија на општина Земун ќе биде изграден спомен-парк посветен на Србите кои настрадале во конфликтите на територија на поранешна Југославија во деведесеттите.

„Кога ќе најдеме соодветна локација, ќе распишеме конкурс за да започнеме со реализација на проектот со кој сакаме да им се оддолжиме на сите жртви,“ рече тогаш Стојчиќ за весникот „Вечерње новости“.

И претседателот на општина Земун, Гаврило Ковачевиќ тогаш наведе дека комплексот најверојатно ќе биде изграден во близина на Батајница, Угриновац или Бусија, односно како што вели „кај оние населби каде се случуваше прогонот на Србите за време на Бура, Блесок и други погроми од деведесеттите.“

Според Законот за воени меморијали во Србија, предлог за изградба или отстранување на воени споменици може да поднесат државни органи, покраини, локални самоуправи, правни и физички лица.

ДВ до објавувањето на овој текст не доби одговори на прашањата испратени до општина Земун и градот Белград за тоа кој го поднел барањето за изградба на споменици.

Serbien Kriegsdenkmal in Belgrad
Фотографија: Una Sabljakovic/DW

Законот вели и дека предлог за изградба на воен меморијал, за кој конечното одобрение за решение го издава Министерството за труд, боречки и социјални прашања, треба да содржи детали во врска со идејното решение. Какво идејно решение се планира, дали имало или допрва ќе следи јавна дебата? Од општина Земун нема одговори ни на овие прашања.

Речиси 300 споменици

Ако биде изграден, тоа ќе биде 285. споменик во Србија посветен на страдањето на Србите во војните на деведесеттите. Тоа се податоци од Здружението за општествени истражувања и комуникации (УДИК) кое наведува дека на Албанците кои настрадале во војните во деведесеттите во Србија им се посветени девет споменици, а на припадниците на хрватската и бошњачката националност еден до два споменика.

Повеќе:

-Сите ги бројат само своите жртви

-Децата - жртви на војната во Косово

-Една европска историја- безброј различни интерпретации

Најавата дека во Земун ќе биде изграден меморијален комплекс ги разбуди спомените на иницијативата на белградската невладина организација Фонд за хуманитарно право од 2015 година во Батајница да се изгради Меморијален центар, на местото каде се пронајдени масовни гробници во кои биле закопани 744 цивили од албанска националност.

До сега институциите не реагирале на оваа идеја, па ДВ го праша Министерството за труд, вработување, боречки и социјални прашања, градоначалникот на општина Земун и претставниците на градот Белград, дали ќе ја разгледаат. Одговор добивме само од Министерството кое наведува дека „никогаш не им бил упатено барање за нешто такво.“

Жртвите се само „наши“

И во другите земји од поранешна Југославија ситуацијата е многу слична кога станува збор за бројот на споменици посветени на настраданите припадници на етничкото мнозинство и малцинствата. Според податоците на УДИК, околу 94% од спомениците во Хрватска се посветени на страдањето на Хрватите за време на војните во деведесеттите, а околу три проценти на страдањата на останатите народи.

„Петнаесет споменика им се посветени на Србите, шест на Бошњаците и четири на странски државјани“, велат за ДВ од УДИК.

Во Босна и Херцеговина се изградени над 2100 споменици кои се посветени на страдањето на цивилите или борците од кои околу 59% се посветени на Бошњаците, 24% на Србите, а 13% на Хрватите. „Околу три посто од спомениците им се посветени на две или повеќе етнички групи. На малцинствата како што се Ромите и странците отпаѓаат само 1% од спомениците,“ наведуваат од УДИК.

Дали изградбата на уште еден споменик во Србија посветен исклучиво на српските жртви би можела сеќавањето на жртвите од војните во деведесеттите во уште поголема мера да го сведе само на „нашите“, а „нивните“ дополнително да ги фрли во заборав?

Serbien Kriegsdenkmal in Belgrad
Фотографија: Una Sabljakovic/DW

За овој вид опасност предупредуваат и авторите на публикацијата „Воени сеќавања“ во издание на Центарот за ненасилна акција кога станува збор за Босна. Тие посочуваат дека некои споменици во БиХ порачуваат – „ова ќе се повтори пак“ и на некој начин го репродуцираат стравот кај другите.

Тие го наведуваат примерот на споменикот во Босанска Крупа подигнат за Амра Седиќ, која загина во 1994 во борбите за својот град. Споменикот им е посветен и на останатите припадници од бригадата 511. Веднаш зад него се наоѓа споменик од НОБ, посветен на Лепа Радиќ која на истото место ја погубиле СС единиците, но тој речиси и да не се гледа од споменикот на Амра Седиќ.

„Покрај тоа што овие споменици го отсликуваат доминантниот наратив за војната во БиХ, нивната цел е да се зацврсти постојната виктимизација и со тоа да се достигне хомогенизација на групата. На овој начин не држат во постојан страв од другите. Тие порачуваат: ако се случило во 1942 или 1947 година, па повторно во 1992, ќе се случи повторно,“ велат од Центарот за ненасилна акција.

Споменици на жртвите и од другите националности

Еден од ретките споменици во Србија посветени на жртвите од другите националности настрадани во војните во деведесеттите се наоѓа во Сјеверин. Изграден е во 2015 година во спомен на Бошњаците кои загинаа при киднапирање во селото Миоче кај Рудог. Во Пријепоље им е подигнат споменик на Бошњаците настрадани во Штрпце. 

„На Нови Београд се наоѓа спомен плоча посветена на една од жртвите на злосторството во Штрпце, Томи Бузовиќ, подигната во април 2016 година,“ велат за ДВ претставници на Здружението за општествени истражувања и комуникации.

Во Хрватска во 2015 година во Карловци е подигнат споменик посветен на Бошњаците, бранители во Татковинската војна, а во општина Плитвички Езера се наоѓа споменик за 13 припадници на Армијата на Босна.

Во целиот регион има многу необележани места каде што се случиле злосторства. Во Србија, освен Батајница тоа се и други места на кои се најдени масовни гробници каде биле скриени телата на убиените албански цивили – Петрово Село, Перучац и Рудница.

И во БиХ постои тенденција да се слават „само своите“, како што пишуваат авторите од Центарот за ненасилна акција, па ги наведуваат примерите на Брчанска Малта. На 15 мај 1992 година, се погинати околу 50 војници во колона на ЈНА која е нападната, иако во согласност со договорот, тие се повлекувале од касарната од Тузла. 

На тоа место е изградена спомен-фонтана за бранителите од Тузла, но нема обележје во знак на сеќавање на настраданите војници на ЈНА.

За Хрватска (за ова пишува писателот и новинар Виктор Иванчиќ во книгата „Зад седум логори“) пример е военото пристаниште Лора во Сплит, каде нема обележје дека на тоа место во деведесетитте биле затворени и мачени Срби. Тука напротив е изграден споменик за припадниците на 72от батаљон на воената полиција на Хрватска, меѓу кои и дел од нив учествувале во тортурата на затворениците во Лора.

Подготвени за антиспоменици?

Во текстот „Нови јавни споменици во регионот: оружје во граѓанската војна на сеќавања“, Тодор Куљиќ напиша дека „вредно е да се одбележи и групниот срам за нешто што го стори нашата група, а не требаше да го стори. Антиспоменик бил бил на пример, споменик во Загреб, Сараево и Приштина за убиените Срби, а во Белград за убиените Муслимани и Албанци. Но дали ова општество е воопшто во состојба да достигне антиспоменичко ниво на саморефлексија? Не е!“.

Потврда за ова е тоа што не се ни наѕира можноста во Батајница да се изгради и Меморијален комплекс посветен на убиените Албанци.

Сепак најавата на Градскиот совет во Сараево дека ќе почне изградба на споменик во Казани на Требевиќ (каде за време на војната беа убиени цивили од хрватска и српска националност) како и можноста дека наскоро би можела да започне изградбата на споменикот посветен на децата убиени во Приједор 1992 година, може барем делумно да ја побие оваа теза.