СПД за создавање елитен универзитет во Германија
6 јануари 2004Реклама
Во Германија денеска се одржуваат дури три средби на партиите застапени во парламентот, на кои се одредува политичкиот курс по суштински теми за општествениот живот. Така во Штутгарт се одржува традиционалната средба на Либералната партија на Денот на "трите крала", на која се очекува шефот Гидо Вестервеле да ја даде програмската насока на полето на даночните и социјалните реформи. Даночната реформа е во центарот на вниманието и на традиционалната средба на парламентарната група на Христијанско социјалната Унија во Вилдбад Кројт. А на дводневниот симпозиум на владеачката Социјалдемократска партија на Германија во Вајмар денеска се очекува да биде донесена дологорочната стратегија на полето на високото образование и научните истражувања.
Околу предлогот на генералниот секретар на СПД, Олаф Шолц за создавање еден елитен универзитет по углед на американските, и денеска се кршат копја во редовите на партиското раководство, но и во пошироката јавност. Надлежниот министер за образование, Еделгард Булман, му даде принципелна поддршка на предлогот за создавање елитни високо-школски установи, но побара тоа да не биде само еден, туку неколку универзитети, со што ќе биде сочувана здравата конкуренција на ова ниво во земјата.
"Од врвните универзитети очекуваме да бидат влечна сила за другите универзитети, а тоа значи да се пробијат во острата конкуренција. Тоа е и инаку од поодамна наш принцип на полето на науката и истражувањето, имено, да се дојде до врвната позиција преку натрпевар. Нам ни требаат сигурно околу 10 универзитети, кои че бидат играчи и во светската прва лига. Германија сака со тоа да стане атрактивна како за домашните, така и за странските студенти" - нагласи Булман и додаде дека станува збор за севкупно зголемување на вложувањата во образованието, а не само за елитните универзитети.
На оваа тема во текот на денот се очекува по дебатата да бидат донесени и "Вајмарските насоки", кои треба да го дефинираат политичкиот курс на социјалдемократите на ова поле до 2.010 година. Шефот на партијата, Герхард Шредер, сака образованието и истражувањето дури да ги профилира во клучна тема на тековнава година, во која Германија ја очекуваат дури 14 избори на различни нивоа.
Реклама