СПД ги потврди министрите во новиот кабинет
15 декември 2013Партискиот врв на Социјалдемократската партија (СПД) денеска (15.12) ги одобри шесте министерства кои треба да бидат раководени од социјалдемократите. Раководството на СПД на седницата во Берлин одлуката ја донело едногласно, пренесува агенцијата дпа.
Шефот на СПД Зигмар Габриел ќе биде нов министер за економија и енергија, шефот на пратеничката група во Бундестагот, Франк Валтер Штајнмаер ќе застане на чело на Министерството за надворешнои работи, со кое впрочем раководеше и во легислативниот период 2005-2009. Благајникот на СПД, Барбара Хендрикс го доби ресорот екологија, додека генералниот секретар Андреа Налес ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика. Заменикот претседател на СПД Мануела Швезиг го презема Министерството за семејство, а нов министер за правда и заштита на потрошувачите ќе биде социјадемократот Хајко Мас.
Во вторник (17.12) министрите треба да бидат именувани и да положат заклетва.
ЦДУ, покрај канцеларот Ангела Меркел и шефот на кабинетот на канцеларот, ќе има свои луѓе на чело на пет министерства. ЦСУ пак во идната германска влада ќе раководи со три ресори.