1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СП во Бразил ги донесе фудбалерите на граница на издржливост

Фернандо Саулит / Александар Методијев18 јуни 2014

Разликата во температурата за време на бразилската зима и огромната оддалеченост меѓу сместувачките капацитети и фудбалските стадиони на СП ги носат на граница на издржловост посебно европските фудбалери.

https://p.dw.com/p/1CKxU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Светско фудбалско првенство и во џунгла. Таму, во арената „Амазонија“ во Манаус, на 14 јуни меч одиграа Англија (светскиот првак во 1966 година) и Италија (светски првак во годините 1934, 1938, 1982, 2006). Многумина пред тој меч стравуваа дека посилен противник на Европејците од двата тима може да им биде климата во бразилскаѕа дождовна шума.

Различната клима и временските зони во Бразил им создаваат проблеми не само на фудбалерите од Европа. Во бразилската зима, која трае од јуни до август, температурите се движат меѓу смрзнувачки два степена во градовите-домаќини на првенството Порто Алегре и Куритиба на југот на земјата и температури од 30 Целзиусови степени на кои човек се поти, а такви температури има на северот и североистокот на Бразил. Според проценките на експертите, огромната оддалеченост меѓу градовите-домаќини и времето се вистинските непријатели на Светското фудбалско првенство.

„Во Манаус влажноста во воздухот изнесува 80 проценти, а температурите достигнуваат најмалку 30 Целзиусови степени. Во Сао Паоло има максимални 20 степени и влажност на воздухот до 60 проценти. Тоа енормно го оптеретува организмот“, објаснува Мигуел де Аруда, научник од областа на спортот на реноминарниот Универзитет на Кампињас, или познат и како Уникамп, во сојузната бразилска држава Сао Паоло. Вообичаено на телото му требаат најмалку три дена за да се аклиматизира. „Ова време фудбалерите ќе го немаат за време на Светското првенство“, нагласува Аруда.

England Nationaltrainer Roy Hodgson
Рој Хоџсон се обидува да ги прилагоди своите играчи од англискиот национален тим на промената во температурите и оддалеченоста на стадионитеФотографија: picture alliance/Photoshot

Може да се каже дека од ова е најтешко погоден американскиот тим, предводен од поранешниот тренер на германската репрезентација Јирген Клисман. Американците меѓу натпреварите по групи мораат да пропатуваат повеќе од 14.000 километри меѓу местото каде што се сместени и градовите-домаќини на натпреварите Манаус, Натал и Ресифи.

Репрезентациите ќе направат различна километража

Британците се сместени во Рио и ќе минат околу 7.000 километри меѓу натпреварите по групи. Се чини дека на најдобра позиција се сместени германските фудбалери, бидејќи на патувањата меѓу градовите ќе мораат да минат околу 3.500 километри. А, тоа е стратешка предност, бидејќи екстремните промени на температурите, на кои се изложени Американците и Британците, влијаат врз спортските перформанси на играчите и претставуваат закана од повреди.

Fußball Jürgen Klinsmann in Brasilien
Светски првак во патување на ова првенство е Јирген Клисман со неговиот американски национален тим, со кој ќе мине 14.000 километри низ БразилФотографија: picture-alliance/AP Photo

Времето на одржувањето на натпреварите е уште еден проблематичен фактор. Од вкупно 64 натпревари за време на Светското првенство, 24 меча почнуваат во 13 часот по локално време, кога во многу од местата каде се играат натпреварите е посебно топло.

Медицинската нега е од посебно значење

„При топлина загубата на течности е многу голема, ефективноста на перформансите и вештината на движење паѓаат, а тоа може да доведе до повреди“, вели спортскиот физиолог Турибио Леите де Барос, кој се грижеше за негата на бразилскиот национален тим во периодот од 1991 до 1994 година. За раководителот на клиниката „Физио институт“ во Сао Паоло посебно се погодени тимовите од Европа, кои мораат да играат во такви услови и притоа да се аклиматизираат.

Поради разликата во температурите и оддалеченоста на местата за натпревар по предизвик се ставени лекарите во националните тимови, нутриционистите и физиотерапевтите, кои мораат да го ублажат негативното влијание со посебна диета, специјални тренинзи и мерки за превенција.