1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маѓепсаниот круг на сиромаштијата

Амир Пуриќ
11 април 2017

На најсиромашната една петтина од популацијата на БиХ системот на социјална заштита речиси и да не ѝ значи ништо. Тие се препуштени сами на себе.

https://p.dw.com/p/2b22C
Bosnien - Familie Sarkic
Фотографија: DW/A. Purić

На Ахмет Саркиќ, денот на кој разговаравме со него, му е роденден, седумдести и втор. Утрото на велосипед отишол до продавницата да купи килограм домати за болната сопруга, својата Баба, како што ја вика, и едно пиво да се почести. „Па нека каже кој што сака“, вели Ахмет Саркиќ, очигледно стравувајќи дека тоа што купува пиво би можело да се карактеризира како општествено неприфатливо однесување, и покажува лична карта сакајќи да се увериме дека денеска навистина му е роденден. „Еве, 8. април 1945. година. Запишан сум како Ахмед.“

Роденденското пиво ќе го испие надвор. Во куќата му е непријатно поради сопругата, која лежи во кревет. Попладне во шумата ќе исече неколку метри дрва за продажба. „За среќа, имам добра шума и добар брат, ми купи нова моторна пила? и 10 литри гориво, сега сум мирен“, вели овој старец, кој во зрели години врши напорни физички работи. Пензија не примаат ни тој ни сопругата. Целиот живот, вели, се сиромашни, работеле се’ што морале за да преживеат и се занимавале со земјоделство. „Би ја продал сега целата земја, но не сака никој да ја купи“, разочаран е тој.

Пред 2 години Саќима, сопругата на Ахмет, се разболела од карцином и оттогаш ова семејство е во уште потешка ситуација отколку што било порано. Во малечката куќа живеат уште и синот на Ахмет, Един и неговите сопруга и дете. Един работел сезонски работи во Хрватска, каде ја запознал својата сопруга и каде што му се родил синот, но кога се разболела неговата мајка се вратил дома да им помогне на родителите. И тој работи тешки физички работи во шумата и собира железо, но сѐ што ќе заработи е премалку за пристоен живот. Трошоците за едногодишното дете и болната мајка за него се преголеми.

Bosnien - Familie Sarkic
Ахмет ФаркиќФотографија: DW/A. Purić

Во болница бараат пари за да лежиш“

Саќима предходниот ден по вторпат ја отпуштиле од болница, ја наоѓаме како лежи неподвижна, тешко зборува, не може да јаде. Карциномот е во последниот стадиум. Во куќата во која живее семејството Саркиќ нема ни минимални услови за таа да престојува, поради неплатени сметки им е исклучена струјата, но... „Во болница бараат пари за да лежиш. Никој од моите нема пари. Докторот ме праша: дали би одела дома? Не, му велам јас. А тој: ќе одиш, ќе одиш, отпуштена си уште од вчера. И јас се јавив да дојдат по мене, што да правам“, со тежок напор успева да ни каже Саќима. Законски таа има право на здравствена заштита како лице постаро од 65 години и со малигно заболување, што во пракса значи бесплатни лекови и прегледи, но не и адекватна нега и грижа за болен.

Ахмет и Саќима Саркиќ се едни од стотината корисници на постојана социјална помош во Велика Кладуша, што во овој случај подразбира износ од 60 конвертибилни марки месечно за двајцата. Меѓутоа, тие тој износ го добиваат едвај неколку пати годишно. „Последен пат добив во јануари. Секои 7 дена одам и ја ставам оваа картица (во банкомат), но нема ништо. Проверувам во банка. Нема“, вели Ахмет.

Доцнењето на исплатата на корисниците на социјална помош, но и на корисниците од други категории социјална заштита во Унско-санскиот кантон, е огромно, ни потврдува Емира Велјачиќ, директорка на великокладушкиот Центар за социјална работа. Долгот на ресорното кантонско министерство кон центрите за социјална работа во овој кантон за предходните 2 години е околу 7 милиони конвертибилни марки. „На корисниците на социјална помош им доцнат примањата една година, кои се најниски во државата. На родилките исплатата им доцни 2 години. Потоа за сместувањето во установи, им се должи година и половина. Речиси сите давачки кои се врзани за нашето кантонско министерство доцнат“, вели Велјачиќ за ДВ и појаснува дека основачите на Центарот за социјална работа се Општинските совети. Од локалните буџети се финансираат платите на вработените, материјалните трошоци и еднократна помош за корисниците, додека сите останати социјални давачки ги финансираат кантонските федерални министерства, а центрите само ги исплаќаат.

Bosnien - Familie Sarkic
Сеад СаркиќФотографија: DW/A. Purić

Вистинското прашање е дали постоечкиот систем на социјална помош некому навистина му помага?“

Според податоците на Светската банка од 2011. година, во Босна и Херцеговина околу 18 насто од населението живее под критичната граница на сиромаштија, но системот на социјална помош не успева да одговори на нивните потреби. Иако трошоците од 4 насто од Бруто-домашниот производ на системот за социјална помош е релативно висока сума, само 17 насто се применува за најзагрозеното население, се наведува во една студија на Интерсекциската нееднаквост во системот на социјална заштита во Босна и Херцеговина.

Аида Малкиќ, авторка на оваа судија, во разговорот за ДВ вели оти дури една четвртина од издвојувањето за социјална помош во БиХ има карактер на една вистинска социјална помош за сиромашните и социјално исклучените, додека остатокот оди за бенефиции за ветераните и нивните семејства. „Поради тоа може да се каже дека ефективната потрошувачка на социјална помош во БиХ е околу 1 отсто од БДП, што е далеку под просекот во земјите од ЕУ“, потенцира Малкиќ.

Не се само загрозени корисниците на социјална помош, туку и речиси сите други категории на корисници на социјална заштита во БиХ. „Резултатите од студијата, во чиј фокус беа потребите на корисниците на социјална заштита, но и оние кои би требало да бидат дел од тој систем, укажуваат на тоа дека корисниците на социјална помош, без разлика на категоријата во која припаѓаат, секојдневно се соочуваат со различни тешкотии кои ја загрозуваат лошата состојба во која веќе живеат. Во нашето истражување стана јасно оти ниту системот на социјална заштита, ниту другите релевантни политики, не ги задоволуваат потребите на овие луѓе“, вели нашата соговорничка и додава оти поради наведеното тешко може да одговори на прашањето која категорија на корисници на социјална заштита е најзагрозена. „Веројатно вистинското прашање е дали постои систем на социјална помош кој некому навистина му помага“, одговара Малкиќ.

Актуелниот модел на социјална заштита во БиХ, со кој се опфатени половина милион жители е крајно неефикасен и кога станува збор за пружањето системска поддршка на најсиромашната една петина од населението. Тоа јасно ни го отсликува и примерот на семејството Саркиќ во кое и третата генерација не успева да се извлече од зависноста од социјалната помош и хуманитарните донации.