1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Социјалната држава создава силно општество“

Анке Распер/ Жана Ацеска24 август 2014

ОН во извештајот за општествен развој бараат воспоставување системи за социјална заштита заради намалување на ранливоста на луѓето. Интервју на Дојче веле со Калид Малик, директор на Програмата за развој на ОН.

https://p.dw.com/p/1ChsA
Фотографија: imago/Schöning

Дојче веле: Каде се луѓето најзагрозени?

Калид Малик: Загрозеноста е по правило во корелација со некои фактори на ризик, како катастрофи или конфликти. Се обидовме да ги анализираме тие фактори и да откриеме како и поединецот и општеството можат да станат поотпорни и зошто некои заедници се поотпорни отколку други, дури и кога се соочуваат со ризици.

ДВ: Зошто се некои општества поотпорни?

Калид Малик: Тие имаат развиено и два основни предуслови. Првиот се однесува на тоа дека човечката ранливост е условена од здравствените и образовни капацитети. Значи, ако сте пообразовани и побогати, можете полесно да се соочите со проблемите. Исто така, на тоа влијае и контекстот во кој живеете, позицијата на која се наоѓате, дали сте малцинство во една земја. Другиот важен предуслов се однесува на неможноста на државата да ги штити своите граѓани, што е често последица на лоша политика и лоша работа на социјалните установи. Тоа е и основната причина зошто состануваме вакви извештаи.

Да го земеме примерот со сиромаштвото. Моментно, 80 проценти од луѓето во светот немаат социјална заштита, а 12 проценти страдаат од хроничен глад, додека речиси половината од сите работници, значи над 1,5 милијарди луѓе, имаат многу несигурна работа. Реалноста покажува дека има многу ранливи луѓе, иако за многумина тоа не би се рекло на прв поглед.

ДВ: Во Извештајот наведувате дека земјите со поголема социјална кохезија и подобра социјална заштита полесно ја поминаа економската криза...

Калид Малик: Тоа е точно. Мнозинството показатели велат дека општествата во кои е поизразена социјалната еднаквост имаат и посилна социјална кохезија, имаат поголем економски раст. На пример скандинавските земји. Тие подобро одговорија на економските предизвици отколку другите европски држави, имаа пониска стапка на невработеност, го зачуваа нивото на потрошувачка и побрзо се опоравија од кризата.

Khalid Malik
Калид МаликФотографија: UNDP

ДВ: Рековте дека само една петина од светското население има некој облик на социјална заштита. Зар не се сиромашните земји пресиромашни да финансираат дури и основни видови социјална заштита?

Калид Малик: Извештајот ова прашање го образложува детално и дава историска перспектива на проблемот. Во земји како скандинавските, Костарика или Јужна Кореја, првите обиди за воведување социјална заштита биле многу скромни. Издвојувањето по глава на жител било пониско отколку што е случај тоа во Азија денес. Но, ние тврдиме дека универзалниот пристап кон социјална заштита е можен во најголем дел од земјите, ако не и во сите. Проблемите со буџетот не се толку важни. Потребно е време за изградување на тој систем, но тој донесува поголеми бенефиции отколку што изгледа на прв поглед. Всушност, ја пробивме тезата според која мора да се биде богат за да се финансираат основните услуги на социјалната заштита.

ДВ: Колку пари се потребни за државата да обезбеди барем основна социјална заштита?

Калид Малик: Зависи од нејзината конципираност. Ако зборуваме за денешните трендови на социјална заштита, тогаш тоа би изнесувало од три до пет проценти од брутодомашниот производ. Направивме детална анализа за 12 земји со многу мали приходи и се обидовме да одговориме на прашањето дали воведувањето на овој пакет основни мерки на социјална заштита, здравствена заштита, основно образование, пензии, борба против невработеноста и грижата за децата би било пристапно за нив. И, навистина е остварливо, а добивката е многу голема, зашто тоа води кон поголем просперитет. Но, се разбира, тоа не зависи само од висината на буџетот, туку и од тоа што правите со парите со кои располагате.

Да наведам еден пример. Во Кина пред неколку години се водеше голема дебата дали треба воведување систем на социјална заштита. Конечната одлука беше-тоа е право на секој граѓанин. Врз основа на таа одлука, сега Кинезите се обидуваат да изградат цел пакет мерки на социјална заштита. Тоа не мора нужно да биде истиот пакет како во западните земји, но важно е да им овозможи на луѓето да го живеат својот живот,дури и тогаш кога работите не се одиваат на најдобар пат.

ДВ: Дали светот, делумно преку ОН, би требало да тежнее кон развивање првенствено отпорност на општеството, а потоа да стреми кон одржлив развој?

Калид Малик: Не сакаме да се вовлекуваме во епистемолошки дискусии, но според моето мислење, се приближуваме кон нулта-стапка на сиромаштија. Секогаш велиме дека не треба само да се сведе степенот сиромаштво на нула, туку и да остане на нула. Не дозволуваме работите да се вратат на претходна состојба. Второ, извештајот исто така укажува на тоа дека прашањата на социјалната заштита и вработеноста мора да бидат централна нитка во решавањето на овој проблем. Сеедно дали тоа ќе се нарече отпорност или одржливост, мора да се пронајде начин работите да не се враќаат на преходното ниво. Исто така тврдиме-одделни работи може да се решат и на национално ниво, но потребен е напредок на глобално ниво, за работите вистински да функционираат.

Калид Малик е директор на Програмата заразвој на ОН од 2011 година. Тој е роден во Пакистан, студирал економија во Пакистан и во Велика Британија и има долга и успешна кариера во ОН.