Социјалдемократски пратеник користел дрога
4 јули 2014Првите чекори веќе се преземени: гласноговорникот на СПД за внатрешна политика и пратеник во парламентот, 51-годишниот Михаел Хартман се повлече од партиската функција, а остана и без имунитетот. Надлежниот одбор на германскиот Бундестаг го повлече овој потег, и државното обвинителство изврши претрес на канцеларијата на Хартман. „Се работи за сомнеж за сторено дело злоупотреба на опојни дроги“, се наведува во штурото соопштение на обвинителството.
Наводно, Хартман се нашол на мета на обвинителството за време на истрагата против неколку препродавачи на дрога. Иронично, неодамна во едно интервју Хартман се пожали дека нема доволно време да ја запознае забавната страна на Берлин. За негова несреќа, тој исто така остро се спротивставуваше и на легализацијата на лесните дроги, како марихуаната, на пример.
Од скандал во скандал
Скандалот со Хартман се случува во многу непријатен момент за СПД. Имено токму на истиот ден кога нему му беше одземен имунитетот во Бундестагот се формираше тело кое треба да ја испита позадината на скандалот во кој беше вмешан еден друг истакна социјалдемократ- Себастијан Едати. Тој, пак, е осомничен дека е вмешан во детска порнографија. По обелоденувањето на скандалот, Едати се повлече од пратеничката функција, а против него во тек е истрага на државното обвинителство.
Пушам, ама не вдишувам
Политичар кој користи тешки дроги? Доколку сомнежите се потврдат, Хартман би можел да стане првиот од тој вид во Германија. Но, во меѓународните рамки таквите случаи се познати во повеќе земји.
Меѓу првите беше поранешниот градоначалник на Вашингтон, Марион Бери. Во 1990., Бери чие политичко резиме го вклучуваше и формирањето на групата Црните против наркотиците и геноцидот, беше уапсен од ФБИ поради пушење „крак“ во хотелска соба во друштво на поранешна девојка. Звучи неверојатно, но Бери беше реизбран и за четврти мандат како градоначалник во 1995 година, и покрај тоа што мина шест месеци в затвор поради користење дрога.
Односот кон користењето лесни дроги оттогаш е полиберален во САД и во Западниот свет генерално. Во 1992, Бил Клинтон тврдеше дека никогаш не вдишувал, иако призна дека пушел марихуана во студентските денови. Во 2008, Барак Обама отворено призна дека пробал кокаин и марихуана, а кога беше прашан дали вдишувал следеше познатиот одговор: „Па мислев дека тоа е поентата“.