1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите победници на изборите во Австрија

2 октомври 2006

На парламентарните избори во Австрија неочекувана победа однесоа опозиционите социјалдемократи, кои според привремените резултати освоија 35,7% од гласовите.

https://p.dw.com/p/Ac2o
Ќе владеат ли заедно? Канцеларот Шисел и неговиот противкандидат Гузенбауер
Ќе владеат ли заедно? Канцеларот Шисел и неговиот противкандидат ГузенбауерФотографија: AP

Тоа е тесна победа од само 1,5 проценти над Народната партија на канцеларот Волфганг Шисел, што според експертите веројатно ќе доведе до создавање голема коалиција во Виена.

Шефот на социјалдемократите изненаден од исходот

Дури и шефот на социјалдемократите Алфред Гузенбауер беше изненаден од исходот на вчерашните избори: „Ние вложивме големи напори, иако анкетите прорекуваа наш пораз. Јас во ниту еден момент не ја изгубив надежта и секогаш зборував дека в недела може да дојде до изненадување.„

Гузенбауер уште спроти изборите изјави дека би се сложил на голема коалиција, но под услов конзервативната партија на канцеларот Шисел да биде јасно казнета од избирачите. Тоа токму и се случи: тие загубија цели 8% во однос на претходните избори. Шисел по објавувањето на привремените резултати делуваше прибрано, но резигнирано: „Ќе се повлечем во себе, за ова не му ја префрламе одговорноста никому, јас ја носам главната одговорност за мојата партија и тоа го правам со уверување. Онака како што во изминатите години и‘ служевме на Австрија, така се надеваме дека и понатаму тоа ќе можеме да го правиме, се‘ едно во која функција.„

Изборните резултати горчлива загуба за партијата на Шисел

Шисел нема повеќе да може да и‘ служи на нацијата како канцелар, туку во најдобар случај како вице канцелар, во рамките на евентуалната голема коалиција. Нему се чини никако не му е јасно зошто избирачите не го делат со него одушевувањето од напредокот во земјата: „Мислам дека состојбата во Австрија е навистина добра во споредба со другите земји. Секако дека изборниот резултат е горчлива загуба за нас и ќе мораме добро да поразмислиме каде сме погрешиле.“

Гласачите бараат корекции на вантрешно политичките решенија

Победникот Гузенбауер веднаш му се најде при рака на поразениот канцелар во потрагата по причините: „Мислам дека она што се покажа во изборниот резултат, тоа е дека луѓето сфаќаат оти имаме богата и напредна земја, но внатре во неа не постои доволно праведна распределба. Луѓето со ваквото гласање на изборите бараат корекции на полето на пензиите, на здравствената полтиика - и она што мене ми е посебно важно, на децата и на младите им требаат подобри шанси. Мислам дека ова беа причините за ваквото гласање на избирачите!„ – нагласи шефот на социјалдемократската партија и веројатен иден канцелар на Австрија, Алфред Гузебнауер.