1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите и Изетбеговиќ победници на изборите во БиХ

4 октомври 2010

Централното Претседателство на БиХ на изборите доби еден нов и двајца стари членови. Изненадување претставува изборот на синот на поранешниот бошњачки лидер Алија Изетбеговиќ, Бакир на функцијата. Изборите минаа мирно.

https://p.dw.com/p/PUb1
Бакир Изетбеговиќ избран во Претседателството на БиХФотографија: AP

Според првичните неофицијални резултати, победник на ниво на федерацијата е Социјалдемократската партија на Златко Лагумџија. Тој порача дека целта ќе му биде да работи на обединување на граѓаните и почеток на нова историја на земјата.

Бошњакот Бакир Изетбеговиќ од Партијата за демократска акција (СДА), Србинот Небојша Радмановиќ од Сојузот на незвисните социјалдемократи (СНСД) и Хрватот Жељко Комшиќ од Социјалдемократската партија (СДП) се избрани за членови на новото Претседателството на Босна и Херцеговина на вчерашните (03.10) општи избори во оваа поранешна југословенска република.

Радмановиќ доби тесно мнозинство од 20-ина илјади гласа во однос на противкандидатот Младен Иваниќ во Република Српска и освои нов мандат во Претседателството. Иваниќ, пак, најави жалба поради големиот број неважечки гласачки ливчиња.

„Бев добар противкандидат, а доколку ги земеме предвид и неважечките ливчиња, му бев уште подобар противкандидат на Радмановиќ“, изјави Иваниќ. На изборите за претседател на Република Српска, убедлива победа однесе Милорад Додик, а неговата партија води и на изборите за Собранието.

Bosnien Herzegowina Wahlen Dodik
Милорад Додик однесе уште една убедлива победа во Република СрпскаФотографија: AP

Изетбеговиќ по стапките на својот татко

Кандидатот на СДА за бошњачки член на претседателството, Бакир Изетбеговиќ, собра најмногу гласови и претставува мало изненадување на изборите, особено поради убедливата победа над досегашниот член на Претседателството Харис Силајџиќ.

„Мислам дека победи една рационална политика која СДА ја води веќе со децении и дека таа политика ќе победува и во иднина“, изјави Изетбеговиќ.

Но, и неговиот главен ривал, Фахрудин Радончиќ најави жалба до изборната комисија поради големиот број неважечки гласови.

„Задоволен сум од изборниот резултат на мојата партија, но очекувам Изборната комисија добро да ја разгледа ситуацијата поради 60-те илјади неважечки гласови. Тие гласови не ми се одземени мене, туку на граѓаните“, рече Радончиќ.

Комшиќ убедлив кај Хрватите

Bosnien Wahlen SDP Zeljko Komsic im Wahllokal
Жељко Комшиќ од СПД освои мнозинство меѓу босанските ХрватиФотографија: AP

Најмногу гласови од старо-новите членови на Претседателството доби кандидатот на СПД за хрватски член, Жељко Комшиќ.

„Без разлика на која функција сме, нашата цел е да работиме не само во полза на оние кои гласаа за нас, туку и во полза на сите граѓани на БиХ“, порача Комшиќ.

Претставниците на другите хрватски партии во земјата беа незадоволни од исходот на гласањето, оценувајќи дека Комшиќ победил со гласови на Бошњаците, и најавија барање за уставни промени.

Во првата реакција по изборите, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко нагласи дека тие биле „одраз на зрелост и добар показател за демократијата“ во земјата.

Целосните резултати од изборите се очекуваат денеска. Излезноста се проценува на нешто над 56 проценти, што е за околу 1 процент повеќе од минатите избори.

Автор: СХ/БГ/бета/

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска