Ауди со Ред Бул во Формула еден?
22 септември 2015Фолксваген деновиве е предмет на различни шпекулации не само во врска со обвинувањата во САД за манипулирање на издувните гасови кај возилата со дизел-мотори, туку и во однос на евентуалното влегување на концернот во највисокаа класа на автомобилскиот спорт - светското првенство во Формула еден. Специјализираниот магазин „Ауто Билд“ известува дека наводно е веќе донесено принципиелно решение тоа да биде сторено преку марката Ауди. Стартот би требало да биде во 2018 година. Поради учеството во формула еден, Ауди ќе се откаже од учеството во ДТМ (првенство на Германија за туристички автомобили), светското првенство на долги патеки, како и од легендарната трка 24 часа во Ле Ман.
Од Ауди веднаш уследи демант на пишувањето на „Ауто Билд“ како „чиста шпекулација, за која не е потребен натамошен коментар“. Од ДТМ, каде се бара можност, покрај Ауди, БМВ и Мерцедес да се вклучат и производители од Азија и САД, се воздржаа од коментар. Но, се проценува дека излегувањето на Ауди би бил катастрофален сигнал што би го загрозил опстанокот на тоа натпреварување.
Доменикали спортски шеф?
Според информациите на „Ауто Билд“, главен спонзор би требало да биде Ред Бул, а наводно биле обезбедени инвеститори од Блискиот Исток. Магазинот пишува дека спортски шеф треба да биде Стефано Доменикали, поранешен шеф на тимот на Ферари во Формула еден. Автомобилскиот магазин не наведува конкретен извор за своите информации. Претставник на Фолксваген во саботата одби да ги коментира гласовите за евентуалното учество на концернот во светското првенство во формула еден.
Учеството на Фолксваген преку марката Ауди во Формула стана веројатно со најавите за промена на правилата, која треба да стапи во сила во 2017 година. Во моментов уште не е сосем познато кои чекори ќе бидат преземени за да се зголеми атрактивноста на светското првенство во формула еден и да се намалат за многу тимови неподносливо високите трошоци за него.
Во меѓувреме Ред Бул со Ферари мотор?
Шпекулациите за влегување на концернот Фолксваген во Формула еден не се нови, но значително се засилија откако беше објавено дека на крајот од тековнава сезона ќе заврши соработката на Ред Бул со производителот на мотори Рено, која им донесе серија победи и светски титули. До почетокот на можната соработка со Фолксваген, односно користење на мотори од Ауди, се навестува соработка на Ред Бул со Ферари, но тоа се’ уште не е јавно соопштено.