1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН бара прекин на борбите во Појасот Газа

АТ/ афп/дпа/ ртр21 јули 2014

И покрај сите меѓународни апели Израел ја продолжи офанзивата во Појасот Газа. Бројот на жртвите расте, меѓу нив има и цивили. Советот за безбедност на ОН повика на прекин на огнот.

https://p.dw.com/p/1CfvZ
Фотографија: Reuters

Советот за безбедност на ОН ги повика Израел и Палестинците на положување на оружјето. Сите воени акции би морале да бидат прекинати веднаш, изјави амбасадорот на Руанда во ОН Еуген Рихард Гасана, чија земја во моментов претседава со највисокото тело на светската организација.

Во меѓувреме Израел ја демантираше веста на радикално-исламистичката палестинска организација Хамас дека израелски војник бил заробен од Касам бригадите. Нема киднапиран војник, гласините се погрешни, рече израелскиот амбасадор во ОН Рон Пастор во Њујорк. Претходно вооруженото крило на Хамас објави дека во борбите во Појасот Газа бил заробен израелски војник.

Советот за безбедност одржа вонредна седница во Њујорк поради жестоките борби во Појасот Газа. Само вчера во воената офанзива загинале повеќе од 140 Палестинци и биле убиени 13 израелски војници. Од почетокот на израелските напади на 8. јули бројот на загинати со ова се покачи на 500 лица.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кој во моментов се обидува да посредува на Блискиот Исток, ја повика израелската армија на воздржаност и цивилите да бидат поштедени. Исто така и американскиот претседател Барак Обама изрази загриженост поради растечкиот број на жртвите. Во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Обама ги осудил ракетните напади од Хамас и го одобри правото на самоодбрана на Израел, соопшти Белата куќа. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери денеска патува во Каиро за да посредува во конфликтот.