1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советникот на Ердоган се извини за клоците

АТ/ дпа/ афп16 мај 2014

Јусуф Јеркел, советникот на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој клоцаше демонстрант, се извини за инцидентот. Турскиот министер за енергија најави дека бројот на жртвите може да се искачи до 302 загинати рудари.

https://p.dw.com/p/1C12V
Фотографија: Reuters

Советникот на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се извини за клоците врз демонстрантот, кој лежеше на земја во Сома. „Многу жалам за инцидентот во средата во Сома“, цитираат турските медиуми од соопштението на Јусуф Јеркел објавено денеска. Поради „провокации, навреди и напади“ тој ја загубил самоконтролата, појаснува Јеркел.

Демонстрантите го исвиркаа премиерот Ердоган и неговата делегација, кои пристигнаа во градот по рударската несреќа.

Во рудникот во Сома по екслозијата што се случи во вторникот (13.05) загинаа најмалку 284. Се претпоставува дека во рудникот во Сома има уште најмногу 18 затрупани рудари. Ова денеска го соопшти министерот за енергија Танер Јилдиз, навестувајќи дека затрупаните рудари најверојатно се мртви. Јилдиз рече дека бројот на мртвите може да се покачи до 302 загинати рудари

Гневот на граѓаните за несреќата сѐ повеќе е насочен кон премиерот Реџеп Таип Ердоган. Во Анкара, Измир и Истанбул илјадници луѓе вчера излегоа на протести. Тие ја обвинуваат владата за недоволни безбедносни мерки во рудниците во Турција. Претседателот на Турција Абдула Ѓул, кој го посети градот Сома зборуваше за „голема несреќа“ и уверди дека ќе се направи проверка на мерките за безбедност, за да се спречат други слични несреќи.