„Соба со пијано“ е мал по продукција, но голем филм по значење
4 јуни 2012Во една од халите на Скопски саем, во изградено студио-хотелска соба во која ќе се одвива целото дејствие во „Соба со пијано“, по три години подготовки, режисерот Игор Иванов започна да го снима својот нов проект. Тоа е „приказ на различни животни судбини доведени на единствена локација- хотелска соба од каде може да се допре до најсуштествените аспекти на нашето постоење“, гласи информацијата од продуцентската куќа „Скопје Филм Студио“.
„’Соба со пијано’ е филм што во услови на огромна криза во европскиот филм ние успеваме да направиме еден мал по продукција, но верувам- голем по значење игран филм. Тоа е филм што ќе алудира на една универзална, но истовремено и на една локална, актуелна политичка реалност“, вели режисерот Иванов.
Сценариото е на Жанина Мирчевска, која подолго време живее и работи како драматург во Словенија, во соработка со режисерот Иванов. Сите ликови „орбитираат“ во таа иста хотелска „соба со пијано“ и тука се случуваат многу ликови и приказни. Иванов вели дека овој филм еклектички поврзува различни филмски стилови и оттука ќе биде сосема различен од неговиот долгометражен првенец „Превртено“ пред пет години. „Жанина Мирчевска на неверојатен начин успева на еден простор да го изгради она што не би можеле да го надоместат илјада локации“, изјави режисерот Иванов денеска, на почетокот на снимањето на филмот.
Интернационална екипа-многу ликови и приказни во една соба....
„Соба со пијано“ особено интересен го прави интернационалната екипа. Освен македонските актери Владо Јовановски, Наташа Петровиќ, Васил Зафирчев, Хајредин Фирдаус Неби, Игор Стојчевски, Симона Спировска и Дениз Абдула, во филмот ќе играат и истакнатиот српски актер Светозар Цветковиќ, познат на македонската публика во улогите во филмовите „Среќна Нова 49“ и „Тетовирање“, словенечката актерка Ива Крајнц, младата актерка од Хрватска Јагода Кумриќ и Невена Ристиќ, новото актерско име во српската кинематографија, како и германските актери Торстен Вогес и Ханес Вегенер, на кои ќе им се придружат и познатите британски режисери Тони Палмер, еден од водечките режисери на музички документарни филмови и Мајк Сарн, кои исто така ќе имаат улоги во филмот.
Музиката за филмот ќе ја потпише Канадскиот музичар, светски пијанист и композитор и Чили Гонзалес. „Интернационална екипа беше неопходна поради доловување на веродостојноста на приказната, но тоа е важно и за дистрибуција на филмот“, вели Томи Салковски, продуцент.
„Овој филм е збир од сериозни автори – како пред камерата така и зад камерата, за да се изразат на малку специфичен начин затоа што речиси 95% од целиот филм се случува во една соба. Апсолутно е потребен интернационален ’кастинг’. Исто така, ова е нормално за дистрибуцијата на филмот во регионот. Веќе имаме сериозен локален дистрибутер на филмот“, изјави Салковски од „Скопје Филм Студио“.
„Соба со пијано“ се очекува да биде готов до крајот на годинава, а веќе од 2013 да го започне својот „живот“, изјави режисерот Иванов.
Филмот финансиски е поддржан од Филмскиот фонд на РМ со максимална сума од 30 милиони денари, како проект од национален интерес, а се реализира во соработка со копродуценти и партнери од Словенија, Србија и Косово.