Со топлина против клетките на ракот
6 септември 2010Доктор Андреас Јордан со пинцета држи паричка од пет центи внатре во отворот на една кафено кутивче. Од двете страни на отворот се наоѓаат намотувања на жица што произведуваат променливо магнетно поле. Ова магнетно поле го менува полот 100.000 пати во секундата. Само што ја вклучи апаратурата, паричката започнува да ја менува бојата во портокалово-црвена, да се вцрвенува. Јордан ја фрла паричката во чашата со вода, се слуша цврчење. На сличен начин Андреас Јордан може да ги третира и клетките на ракот, односно туморите. Со помош на овој метод тој може и во потполност да биде уништен.
Досега заболените од рак се лекувале на три начини: со оперативни зафати, со давање на хемотерапија, и со зрачење. Сега се` e подготвено за воведување на четврта терапија – „термотерапија со нано честички”. „Принципот е сличен на оној што го видовте со паричката“, вели Јордан, основач на фирмата MagForce Nanotechnologies, која се специјализирала за лекување на рак со нано технологија. При третманот во туморот се вбризгува фина прашина на железен оксид, а потоа тој се изложува на променливо магнетно поле. Ситните честички на железото поради тоа се вжаруваат. Клетките на ракот при тоа толку се загреваат што практично се варат. Тие умираат или биваат значително ослабнати.