1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Твитер против расизмот на универзитетите

Нина Нибергал/бг2 јануари 2016

„Имате чудно име, од каде сте?“ Бројни студенти во Германија го слушаат ова прашање доколку имаат име кое звучи необично. Една група сака тоа да го промени, па започна акција на Твитер под хаштагот #CampusRassismus.

https://p.dw.com/p/1HO2R
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

„Ах... јас сум од Келн!“ одговори една студентка која носи шамија на главата на прашањето од каде е и дали сака нешто да каже за „Исламската држава“. Доживувањата кои ги споделуваат корисниците на Твитер преку хаштагот #CampusRassismus (Расизам на универзитетскиот кампус) покажуваат постоење на расизам кој е тивок и суптилен. Токму поради тоа погодените се чувствуваат беспомошно. Тој расизам тешко се докажува, а сепак е присутен.

На тоа сакаат да укажат иницијаторите на акцијата на Твитер, студентската група „Обоени луѓе“ од Мајнц и Франкфурт. „Ние како погодени студенти забележавме дека имаме слични искуства и дека тие не се артикулираат“, вели за ДВ Емине Аслан, соосновач на групата. „Но тие се однесуваат на голем дел од нашето секојдневие на универзитетот. Тие се пресудни за тоа дали ќе бидеме успешни на студиите, дали ќе пишуваме сопствени теми и дали подоцна ќе можеме да истражуваме за некои теми или не“.

За расизмот во секојдневието погодените ретко говорат, вели оваа 25-годишна студентка по социологија. „Против она што ретко се артикулира е тешко да се борите“, вели таа. Затоа учесниците во онлајн-кампањата ги користат бројните искуства за да говорат сложно и да покажат дека не се работи за чувства на поединци, туку за структурен проблем на општеството.

Универзитетот се смета за јавен простор во кој луѓето кои размислуваат разменуваат мислења. Но, тој идеал често не се исполнува во односот со луѓето од друга вера или со поинаква боја на кожата. Тоа го покажуваат пораките на стотици корисници на Твитер.

Надмината граница

По повод почетокот на кампањата #CampusRassismus Емине Аслан раскажува и за сопствените искуства со еден професор по социологија кај кој учествувала на семинар на тема однос меѓу половите. Расизам е кога „тој од темата полигамија и нееднаквост на половите неизбежно доаѓа до исламот и твојата шамија на главата“, вели Аслан. Или кога тој во директен разговор во врска со шамијата на глава ти вели: „Поради Вашата кариера во науката треба да размислите за тоа“.

Emine Aslan
Емине АсланФотографија: privat

Ситуација како оваа, прашања или забелешки без размислување, го одредуваат секојдневието на Емине Аслан. Тие водат кон тоа „тие луѓе почесто да ти се обраќаат и да имаш помала приватна сфера отколку другите студенти“.

На работно место, во парк, во кафуле...

Што е причината што на многумина им недостасува чувство за однос со луѓето кои се на некој начин поинакви? Емине Аслан смета дека во Германија недостасува потребната свест за расизмот во секојдневието. „Доколку говориме за расизам, одговорноста и проблемот му се префрлаат на десниот дел од општеството“. Проблемот се бара во екстремите, а притоа се заборава дека расизмот го има насекаде - на работното место, на улица, во парк, во училиште.

Универзитетот во тој поглед не е никаков исклучок, вели Аслан. „Универзитетот е дел од општеството. Тука се наоѓаат различни луѓе и доценти кои имаат различни погледи и перспективи“. Дека нејзините проблеми не се третираат доволно сериозно, Аслан гледа и по тоа што на универзитетот нема независен ополномоштеник за лица кои се погодени од расизам, како што постојат ополномоштеници за женски прашања, за хендикепирани лица, за хомосексуалци. „Доколку се спомене таа тема често се случува да наидете на неразбирање и да ве испратат во меѓународниот оддел или во одделот за странски студенти. А тука се поставува прашањето, зошто за некое лице кое е родено во Германија, одговорен да треба да биде одделот за странци?“

За неа затоа е јасно: кампањата #CampusRassismus може да биде само првиот чекор. Следниот чекор мора да биде водење расправа „офлајн“ за „студентите кои се погодени од расизмот да можат да се вклучат во расправата, пред сѐ на универзитетот, и да бараат поинаква застапеност“. За да не се случи повторно еден ден да остане нешто недоречено кога некој ќе каже дека е од Келн.