1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Со санкции против Венецуела, Трамп испраќа порака до Кина

Габриел Гонзалес
7 август 2019

Новите санкции на САД ја ставаат Венецуела на исто ниво со Куба, Сирија и Северна Кореја. Поголемо санкционирање е практично невозможно, но одлуката на Трамп отвора бројни прашања.

https://p.dw.com/p/3NUmk
USA l US-Präsident Donald Trump - schlechte Laune, wütend
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

Поминаа околу шест месеци откако лидерот на опозицијата во Венецуела,  Хуан Гуаидо,  отворено го предизвика претседателот на јужноамериканската држава, Николас Мадуро, прогласувајќи се самиот себе си за привремен државен шеф и повика на ставање крај на автократскиот режим на Мадуро.

Гуаидо веднаш беше признат од САД за легитимен претседател, одлука што ја споделија уште 50 други земји, меѓу кои и неколку членки на ЕУ.  Тоа не донесе многу.  Без поддршка на армијата на Венецуела, Гуаидо досега не е во состојба да го истисне Мадуро од функцијата. Во понеделникот Вашингтон дополнително ја затегна санкционирачката завртка.

Кого и што засегаат санкциите?

Претседателот Трамп во понеделникот потпиша указ кој веднаш стапи во сила и со кој се блокирани целиот имот и имотни права на венецуелската влада во САД. Истовремено е воведена трговска забрана, Американците веќе не смеат да прават зделки со влладата во Каракас.

Со тоа Каракас е соочен со слични ограничувања како Иран, Северна Кореја, Сирија и Куба. Засега е нејасно за колкав имот на Мадуро во САД станува збор. Најважната венецуелска сопственост, нафтената компанија Цитго, американска фирма-ќерка на државниот нафтен концерн ПДВСА, беше ставен под санкции уште во јануари. Во сила беа и финансиски казнени мерки против речиси 100 лица и институции, поврзани со владата на Мадуро.

Зошто токму сега се изрекуваат санкции?

Ова прашање отвора простор за бројни шпекулации. Но, сигурно е дека постои поврзаност со речиси истовремено почнатата меѓународна конференција за Венецуела во перуанскиот главен град Лима. Министрите за надворешни работи и делегати од близу 60 држави се собраа во вторникот во Лима за да дискутираат околу излез од кризата во Венецуела.

Најважните поддржувачи на Николас Мадуро- Куба,  Русија,  Кина и Турција беа поканети, но откажаа учество. Најпроминентниот американски претставник во Лима, советникот за безбедност, Џон Болтон, го искористи форумот за објавување на веројатно главната цел на новите санкции: „Испраќаме сигнал до трети, кои имаат намера да соработуваат економски со режимот на Мадуро. Постапувајте со исклучителна претпазливост. Не постои неопходност да ги ставите на коцка вашите економски интереси со САД, обидувајќи се да извлечете профит од еден коруптивен режим на умирање.“

Venezuela | Blackout | Stromausfall
Блекаут - зачестено снемување електрична струја во ВенецуелаФотографија: Getty Images/AFP/Y. Cortez

Која е реакцијата на Мадуро?

Реакцијата на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, беше очекувана. Венецуелската влада остро ги критикуваше новите американски санкции, нарекувајќи ги „тероризам“. „Ги осудуваме самоволните акции на економски тероризам од страна на владата на Трамп, насочени против народот на Венецуела. Вашингтон со ова ја засилува економската и финансиска блокада, која на општеството на Венецуела веќе му нанесе длабоки рани“, се вели во соопштение на Министерството за надворешни работи во Каракас.

Како реагира опозицискиот лидер Гуаидо?

Хуан Гуаидо побрза јасно да стави на знаење дека санкциите не се насочени против народот на Венецуела. „Оваа акција е усмерена кон заштита на граѓаните на Венецуела“, истакна опозицискиот водач во соопштение, во кое укажа дека санкциите содржат „хуманитарни исклучоци во однос на храната и медицината, како и дека „го штитат приватниот сектор кој не влегува во бизнис со една диктатура.“

Му штетат ли санкциите вистински на режимот во Каракас?

Земјата одамна се наоѓа на работ на банкрот. Николас Мадуро можеше да ги издржи дури и повеќедневните испади на целокупното снабдување со електрична енергија, т.н. блекаут. Венецуела преживува не само политичка, туку и хуманитарна  криза од огромни размери.  Во тој контекст од новите санкции не може да се очекува да имаат решавачки ефект. Мадуро одамна се обезбеди преку едноставна распределба на работата меѓу неговите тројца најважни поддржувачи: Кина дава милијарди кредити, Русија испраќа воена опрема, а Куба лиферува агенти за вршење репресија.