Со мини-автомобил низ Берлин
14 ноември 2013Тие се мали и помалку потсетуваат на „миникар“. Но таканаречените „Мини хот родс“ имаат 14 коњски сили под хаубата. Во Берлин од оваа година со нив има и тури низ градот со водич. Возењето на мини-автомобилот меѓутоа не е сосема безопасно. Тој нема серво волан, нема амортизација и речиси и да нема заштитана зона од удар. Затоа обврска е да се носи шлем, како и да се поседува возачка дозвола, а пред стартот има јасно упатство.
Томас Хајн, водач на турата подвлекува: „Се разбира никогаш не можат да се исклучат сите опасности, но се обидуваме да понудиме најголема можна безбедност, со тоа што ги придружуваме луѓето, со тоа што силно ја регулираме брзината, возиме само по улиците кои самите ги познаваме, каде знаеме дека е порамно, така што колку што е можно повеќе се избегнуваат нерамнини, како трагите или дупките. Сето колку што е можно по улиците на Берлин“.
Со малиот мотор на „Мини хот род“ може да се достигне брзина од речиси 90 километри на час. Турата минува долж позната „Ист сајд галери“. За да се види нешто од градот, најчесто се вози со темпо 40.
„Ако си навикнат на нормален автомобил - тоа не може да се споредува едно со друго. Многу е тврдо, апсолутно без амортизација и е многу директно, навистина многу директно“, вели Штефан Отербах, кој за првпат учествува на една ваква тура.
„Но, и причинува задоволство?“
„Да, тоа е адреналин, апсолутен адреналин“, дополнува Отербах.
Тура со „Мини хот род“ значи и да се види и да се биде виден. Автомобилите со еден цилиндер се нешто посебно. Тие се рачно изработени во една фабрика во Хамбург.
И секој автомобил од пластика зајакната со стаклени влакна е уникат. Оттука се оправдува можеби и цената од речиси 80 евра за една тура.
Учесникот Едо Шројдерс објаснува: „Овде не се гледа само градот, не. Самиот стануваш знаменитост. Постојано ти се насменуваат и се прават фотографии. Но, во секој случај причинува големо задоволство“.
Оваа забава завршува по два часа - со среќни возачи зад воланот.