1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Иво Јосиповиќ победи европска Хрватска

11 јануари 2010

Кој е новиот човек на чело на Хрватска, како изгледа неговата програма и кои се неговите главни цели? Угледниот правник и хоби-композитор на класична музика ужива репутација на непотрошен политичар без корупциски дамки.

https://p.dw.com/p/LQds
Новиот хрватски претседател, Иво ЈосиповиќФотографија: AP

Тој сепак победи! На „ здодевниот човек со црвен шал“ како што Иво Јосиповиќ зајадливо го нарекуваа дел од хрватските медиуми, поради неговите предизборни настапи без сјај и шарм, му успеа со големо мнозинство да биде избран за нов претседател на Хрватска. За 52- годишниот кандидат на опозициската Социјалдемократска партија, според конечните официјални резултати што напладне ги соопшти Државната изборна комисија, гласале нешто повеќе од 1,3 милиони граѓани кои излегле на вчерашниот втор круг претседателски избори. Неговиот противкандидат, некогашен партиски колега и актуелен градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, пак, освои 880 илјади гласови.

Тргнуваме на пат кон нова Хрватска

Wahlen in Kroatien
Изборен постер на Иво ЈосиповиќФотографија: AP

Во првата реакција на веста за неговата победа, Јосиповиќ истакна дека сака да биде претседател на сите Хрвати, и на оние кои гласале и на оние кои не гласале за него, и оти не сака да разделува, туку да спојува. Во фокусот на неговата работа ќе биде справувањето со криминалот:

„Јас сум длабоко убеден во тоа дека сите ние сакаме да живееме во земја, во која работата се плаќа, а криминалот се казнува и во која владее демократија, социјална сигурност и правда.“

Јосиповиќ оцени дека Хрватска ќе биде една од сјајните ѕвезди на европското небо, и нагласи дека ќе се залага за праведна и „европска Хрватска“. Тој порача дека нема да ги разочара граѓаните на Хрватска:

„Не плашете се, ќе ја победиме оваа тешка економска криза. Ќе ги победиме корупцијата и криминалот. Ќе ги победиме сиромаштијата и бедата. Тргнуваме заедно на пат кон нова Хрватска. Заедно сме сила која го менува изгледот на оваа земја, го урива темелите на неправдата и создава подобра Хрватска.“

„Победничката симфонија“ на Јосиповиќ

Во предизборната кампања, Јосиповиќ ги нагласуваше двете најважни цели: справување со корупцијата и членство на Хрватска во ЕУ во 2012 година. Актуелниот шеф на државата Стипе Месиќ, оцени дека на изборите победила европска Хрватска. Наспроти Милан Бандиќ, Јосиповиќ никогаш не бил споменуван во контекст на корупциски афери. Уште пред вториот круг, професорот по право и композитор на класична музика важеше за фаворит. Јосиповиќ за победата може да и` заблагодари на својата репутација на непотрошен политичар со личен интегритет. Во политичката култура на целиот Балкан е реткост опуштеното и помирливо држење, секогаш насочено кон суштинските нешта кое го отелотворува Јосиповиќ. Во победничкиот говор композиторот говореше за „победничка симфонија“:

„Вистина е, не` чека голема и тешка работа. Не` чека искушение кое ќе го совладаме и Хрватска конечно ќе биде земја каква што заслужуваме.“

Автор: Среќко Матиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска