1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со закон против војување

Драган Максимовиќ/ Александра Трајковска29 септември 2013

Министерот за безбедност на БиХ упати до Парламентот законско решение за забрана, босански државјани да заминат на боиштата вон БиХ. Експертите го поздравуваат потегот, но стравуваат дека законот нема да се спроведува.

https://p.dw.com/p/19pQI
Фахрудин РадончиќФотографија: picture-alliance/dpa

Иако порано се држеше во тајност, во Босна и Херцеговина сѐ повеќе се говори за регрутирање на млади луѓе на воените полиња надвор од границите на државата. Најнов пример, како што пренесуваат некои медиуми, е смртта на лице, босански државјанин во Сирија пред неколку денови.

Професорот на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии во Сараево, Мирсад Абазовиќ, вели дека самото заминување на лица во војна надвор од границите на Босна и Херцеговина нема ниту историска, ниту морална поткрепа, а од аспект на безбедноста нема ниту смисла: „Кој и да сака да смени нешто, тој треба да менува во рамките на својот историски, државен круг. Се плашам дека ова може да се категоризира од другата страна и на законот и на моралните принципи“.

Ќе бидат санкционирани и организаторите

Според претходно изнесени податоци на Министерството за безбедност на БиХ, врз основа на оперативни сознанија со кои располагаат безбедносните агенции, на боиштата вон Босна и Херцеговина се наоѓаат околу 60 државјани на оваа земја, од нив најголемиот број во Сирија. Меѓутоа стручњаците предупредуваат дека тој број е многу поголем, поради што Министерството за безбедност на БиХ го вклучи алармот и во парламентарна процедура упати измени за кривичниот закон.

Syrien Freie Syrische Armee
Се проценува дека на боиштата во Сирија се борат и жители од БалканотФотографија: Reuters/Hamid Khatib

Министерот Фахрудин Радончиќ вели дека со законот се санкционира заминување на воено поле во странство: „Секако со тој предлог ќе бидат санкционирани и организаторите кои се занимаваат со тоа. Мислам дека со ова направивме одговорен законски чин за младите луѓе да не ни гинат непотребно по светот“.

Според неофицијални податоци кои ги пренесуваат некои медиуми во БиХ и регионот, во Сирија на страна на бунтовниците се борат и Албанци од Косово, Македонија и Црна Гора, а за нивниот број се шпекулира.

Важно е да се дефинира кривичното дело

Што се однесува до БиХ, стручњакот за безбедност Предраг Чераниќ вели дека ваков закон бил потребен со оглед на тоа дека и голем дел од европските земји превземаа слични чекори: „Сега тоа што е направено треба добро да се осмисли и да се има добро образложение за тоа кривично дело за доказната постапка да може да се спроведе, за да не се случи да имаме само мртво слово на хартија. Постои кривично дело, но многу е тешко тоа да се докаже.“

За безбедноста стана збор и на неодамнешниот (26.09) состанок во Радончиќ со ентитетските министри за внатрешни работи Предраг Куртеш и Радислав Јовичиќ. Со цел подобра соработка во оваа област, Јовичиќ вели дека мора да се работи на побрза и поефикасна размена на информации: „Сите оние кои одат таму на сириското боиште или на кое било друго воено поле, од безбедносен аспект се интересни за нас и натаму ќе ги следиме активностите и ќе преземаме мерки кои се во наша надлежност“.

Bosnien und Herzegowina Fahrudin Radoncic Republik Srpska Radoslav Jovicic
Фахрудин Радончиќ и Радослав ЈовичиќФотографија: Ministarstvo unutrasnjih poslova Republike Srpske

САД и ЕУ ги етикетираат доброволците?

Воопшто, кога станува збор за соработката на ентитетските Министерства за внатрешни работи и Министерството за безбедност на БиХ таа е на високо нив, се согласува и министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Предраг Куртеш, кој вели дека и силна соработка е своевидна порака за јавноста. „Секоко порака и до криминалците дека министрите соработуваат и дека се определени за борба против сите облици на организиран криминал“.

Како што неодамна пренесоа одредени медиуми, пред повеќе месеци и претставниците на амбасадите на САД и неколку дипломати од земјите на ЕУ барале од официјално Сараево прецизни податоци за доброволците од БиХ кои учествувале во војната во Сирија. Биле одржани и редица состаноци со директорите на полициските безбедносни агенции на кои биле барани податоци за лицата кои војуваат вон БиХ. Инако не е соопштено, извесно е дека за тоа станало збор и на состанокот во Бања Лука на ресорните министри со шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Петер Соренсен и вршителот на должност во Амбасадата на САД во БиХ, Николас Хил.