Со ветер и вода до струја за извоз
31 декември 2011Стариот мост на Мостар е познат ширум светот. Иван Бакетариќ тука лови пастрмка. По течението на реката Неретва се наоѓа неговото работно место - Хидроелектраната Рама. Таа е една од најголемите во Босна и Херцеговина. Во погонот на електраната тој работи повеќе од 40 години. Некои делови на електраната, како на пример турбините, треба да се заменат. Германската банка за развој за нејзиното реновирање стави на располагање 17 милиони евра. „Хидроенергијата е важен извор на енергија во земјата. Педесет насто од струјата се добива од хидроенергија. Во Европа има малку земји кои имаат толку висок потенцијал на хидроенергија како што е Босна и Херцеговина”, вели раководителот на кредитот за повторна изградба на Босна и Херцеговина, Штефан Лојдездорф.
Без оглед на тоа што БиХ има неколку хидроелектрани, искористена е само една третина од вкупниот потенцијал. Наскоро земјата ќе има на располагање уште повеќе струја произведена на чист начин и без штетни материи.
Наскоро ќе „никне“ првата хидроелектрана во земјата
Електростопанството на хрватската заедница Херцег Босна, која е и сопственик на хидроелектраната Рама, планира изградба на прва електрана на ветер во БиХ. Во херцеговските планини моментно се наоѓа само мерачот на брзината на ветерот. За неколку месеци би требало да се почне со работите врз нејзината изградба.
Ветерот овде дува во текот на целата година. Каменот темелник за ветроелектраната е положен минатата година. Со струјата, која ќе биде овде произведена, можат да се снабдат 30.000 домаќинства. Германската банка за развој го финансира и тој проект со поволен заем во износ од 72 милиони евра. „Овде постои голем енергетски потенцијал на ветерот, од околу 800 мегавати. Ова, што ќе биде градено, ќе користи само пет насто од тој потенцијал. Значи, тука има доволно простор и за приватни инвеститори. Освен тоа, ова е важно за Босна и Херцеговина, бидејќи ќе биде во состојба и да извезува електрична енергија,” вели Лојдездорф.
Ветер има доволно, недостасуваат пари
Меѓутоа, мрежата за дистрибуција на струјата произведена со помош на ветерот се´ уште не е подготвена. Според резултатите на студијата на Светската банка, за инвестициите во електромрежата во БиХ, се потребни милијарда евра. Одделни делови на мрежата дури мора повторно да се изградат. „Во одделни делови на Босна имаме доволно ветар, но немаме далекуводи. За нови ветропаркови потребни ни се нови водови и нивно умрежување со севкупниот систем. За изградбата на мрежата потребни ни се исто толку средства, колку и за изградбата на самите ветропаркови, значи многу пари“, вели Омар Хаџиќ, менаџер на проектот за изградба на хидроелектраната во земјата. Тие пари мора да пристигнат од странство. Производството на обновлива енергија за стопански слабата БиХ е вистинската перспектива за иднината.
Автор: Јоахим Егерс / Светлана Брик
Редактор: Александра Трајковска