1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Снепчет треба да го подели богатството

Зулфикар Абани
3 март 2017

Вреднувањето на Снепчет на 24 милијарди долари е проблематично. Компанијата не ги заслужува парите. Тоа важи за сите социјални медиуми. Платете им на луѓето, оценува Зулфиќар Абани.

https://p.dw.com/p/2Yaqs
Deutschland Immer mehr soziale Netzwerke
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Да бидам фер (но, дали морам?), никој не е приморан да користи Снепчет или кој било друг социјален медиум. Кога ги користиме, тоа е резултат на нашиот слободен избор. Освен, кога тоа е плод на притисокот од нашето окружување - што во случајот на социјалните медиуми, речиси секогаш е така.

Притисокот од средината е во комплициран однос со слободната волја. Таквиот притисок е најизразен на социјалните медиуми. Тој е вграден во самиот систем. Сето тоа е игра на бројки: колку луѓе те следат, колкумина следиш ти, колку често твоите слики и коментари се споделувани... Го правиш тоа што го прават твоите пријатели и семејството и се чини целото општество почнува да го прави истото. Дали би сакал да си одметник? Се разбира дека не. Овој ирационален страв се вовлекува во нашите животи и професии: новинари, доктори и политичари.

Социјалните медиуми од нас прават робови. Тоа е модерно ропство. И за тоа плаќаме – можеби не со крв и пот, но често со срам, анскиозност и со нашето време и приватност. Што добиваат сопствениците на Снепчет, Еван Шпигел и Роберт Марфи? Џек Дорси од Твитер? Милијарди. Или лажни пари. Тие водат бизнис кој креира загуби. Тие креираат нов економски меур кој на моето аматерско око му изгледа како поголема закана од последната финансиска криза.

Модерно ропство

Можеби нема да се согласите со мојот став дека социјалните медиуми се модерно ропство. Навистина, инсистирањето на оваа поента е неправедно кон „вистинските“ робови – историските и модерните. Но, социјалните медиуми со сигурност нѐ поробуваат психолошки, а најчесто жртви се децата. Зарем не е тоа најлошата форма на ропство, детските робови? После сѐ, тие се најмалку способни да се одбранат.

Abbany Zulfikar Kommentarbild App
Зулфиќар Абани

Социјалните медиуми се слични на старите „булетин“ програми кои беа популарни на самите почетоци на интернетот. Разликата е што тие беа помалку видливи и ги користеа луѓето кои ги користеа напредните технологии. Нивните сопственици беа корисниците.

Споредбено, денешните социјални медиуми се како скутери на вода: непотребна, претенциозна злоупотреба на инаку добра технологија. Гласни и штетни за околината. Не верувам во изреката дека социјалните медиуми ја „олеснуваат“ комуникацијата. Наместо тоа гледам зомбија кои шетаат или возат низ градовите во сопствените меури и предизвикуваат сообраќајни несреќи додека истовремено генерираат приходи за сопствениците - најбогатиот 1% од населението.

Не си корисник, те користат!

Она што ме иритира не се самите „скутери“. Долго време сметам дека социјалните медиуми се бродови кои гребат по дното на морето. Тие всушност гребат по дното на нашите умови и срца. Најлошото е тоа што сѐ што ќе 'изгребат' - бесплатно и во лошо регулирани околности – можат да го (зло)употребат како што сакаат. Дали сте се запрашале што ќе се случи со вашите содржини кога на основачите на Снепчет ќе им здодее од бизнисот? Или кога платформата ќе згасне? На крајот социјалните медиуми заминуваат со вашето достоинство и пари.

Немајте илузии. Вие не сте корисник. Ве користат!

Не сум првиот кој го тврди ова. За почеток прочитајте ја книгата „Интернетот не е одговорот“ од Ендру Кин.

Сепак, има решение за инхерентната споделливост на социјалните медиуми. Лажните богови од Силиконската долина треба да го поделат богатството создадено од робувањето на корисниците кои придонесуваат истото да се создаде. Јас велам: #paymeSnap! #paymeTwitter!