1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пуч“ да не се „покрива“ со поттикнување меѓуетнички тензии

Свето Тоевски3 февруари 2015

Судирот меѓу Груевски и Заев и нивните партии треба да добие разврска во правните институции, без обиди аферата да се покрива со покренување меѓуетнички тензии, нагласуваат партиите од албанскиот политички блок.

https://p.dw.com/p/1EUmN
Фотографија: DW

Случајот „Пуч“ веќе почна да предизвикува први реакции во албанскиот политички блок. Во текот на вчерашниот ден (02.02.2015) Демократската унија за интеграција, владиниот партнер на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, се огласи со соопштение, во кое, меѓу другото, нагласи: „ДУИ постојано ја нагласува итната потреба за кревање на интегритетот и независноста на судството и обвинителството како и транспарентното и објективно спроведување на судските процеси, особено на оние со меѓуетнички, меѓуверски и политички карактер. Државните институции вклучувајќи го судството и обвинителството, треба да пристапат кон овој случај со полна транспарентнoст и интегритет, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на обвинетите.“

Дојче веле се обиде неколкупати да добие став од опозиционата ДПА, но лидерот Мендух Тачи и неговите сопартијци барем досега со ниту еден збор не се огласија околу најновите „искричења“ на политичката сцена. Но, Зијадин Села, струшкиот градоначалник и предводник на побунетото крило во ДПА „Движење за реформи“, во својата изјава за ДВ, истакнува: „Заев долго време најавува некакви ’бомби’ и обвинителот треба да утврди дали навистина постојат такви афери, или не. Правните институции треба да ја земат оваа работа во свои раце, а не политичарите и политичките партии. Сите афери што постоеле во државата досега добивале етнички размери. Кога имало афери и слично, најдобар начин да се покријат било покренување на меѓуетничките тензии. Затоа во оваа ситуација треба да се внимава многу во овој домен.“

„Претседателот на државата треба да го поттикне дијалогот“

Вчера и движењето БЕСА ги објави своите први погледи на новонастанатата ситуација во државата, нагласувајќи дека „останува неутрално во овие настани“: „За ’БЕСА' не е важно од каде доаѓа вистината и кој може да биде засегнат од нејзиното откривање. Значајна е само вистината. БЕСА е заинтересирана таа да се обелодени и за да се види дали таа има некоја врска со Албанците и улогата на албанскиот фактор во земјата.“

Според Вејсел Мемеди, лидер на „Националната демократска преродба“, „за овие 24 години од независноста на Македонија речиси ниту една јавна политичка личност ја нема платено сметката за своето политичко однесување, или неоднесување“. Во овој контекст тој дополнува за ДВ: „Последните настани ќе бидат само почеток на отворање на картите за одговорноста на сите јавни личности за нивното политичко дејствување. Многу важно е расправата меѓу премиерот и лидерот на опозицијата да биде разрешена во независни судски институции со големо набљудување од меѓународната заедница. Албанците треба да го исчистат својот двор, а Македонците својот и така да се реши помалку болно оваа ситуација.“

Назми Малиќи, деканот на Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот од Скопје, коментира дека „не треба секој да го чисти само својот двор“, туку оти „заеднички интерес е во надминувањето на оваа политичка ситуација да учествуваат не само политичките партии на Македонците, туку и на Албанците“, нагласувајќи: „ВМРО ДПМНЕ и СДСМ мора да спроведуваат меѓу себе друга политика: не на афери, обвинувања, и закани, туку политика на помирување и на 'спуштање на топката на земја'. Премиерот и претседателот на СДСМ треба многу повеќе да им се посветат на приоритетите, кои се важни за државата. Во оваа ситуација претседателот на државата сега има голема улога, за да поттикне дијалог и помирување, зближување на односите, оти интересот треба да биде егзистенцијата и секојдневното живеење на граѓаните и стабилноста, а не таквите политизирања, како да се тие најважни.“