1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сложената акробатика на Борис Тадиќ

7 јули 2011

Односот на Борис Тадиќ зависи и од состојбите во политички поделеното општеството на Србија. Некои го критикуваат за тоа што со Сараево не изградил блиски односи како со Бања Лука.

https://p.dw.com/p/11qqA
Борис Тадиќ им се обраќа на новинарите по средбата со членовите на Претедателството на БиХФотографија: DW

Поради интензивната соработка меѓу Србија и Република Српска, долго пред вчерашната прва официјална посета на Сараево на српскиот претседател Борис Тадиќ му се приговараше дека води двострана политика кон Босна и Херцеговина.

„И покрај бројните отворени прашања меѓу двете земји на Тадиќ му беа потребни пет години за официјална посета на Сараево“, вели аналитичарката Тања Топиќ. „Тоа говори за ладни односи на релацијата Белград - Сараево, а на друга страна за многу блиски, интимни односи во политичкиот живот и во други сфери на релацијата Белград - Бања Лука“, истакнува Топиќ.

Тадиќ мора да води сметка и за екстремните елементи

Вчерашната (06.07) посета на Тадиќ на Сараево се случи откако Србија го уапси и му го израчи на Хашкиот Трибунал најбараниот обвинет за воени злосторства Ратко Младиќ, поради што Тадиќ во Бања Лука и во други градови на Република Српска го прогласија за „предавник на српството“.

Таквото расположение кај многу Срби во БиХ и во Србија за аналитичарите е потврда дека сонот за „Велика Србија“ не умрел со Слободан Милошевиќ и оти Тадиќ, залагајќи се за проевропска политика и помирување во регионот, е принуден и да води сметка за екстремните елементи, како во неговата земја, така и во БиХ.

Bosnien Serbien Präsident Boris Tadic in Sarajevo
Борис Тадиќ чекори покрај почесната гарда на БиХФотографија: DW

Затоа за Тадиќ е политички ризично секакво отстапување од поддршката на етничкиот ексклузивитет, кога станува збор за состојбите во БиХ.

Не треба да се има сомнеж во добрите намери на Тадиќ

Политичкиот аналитичар и кандидат за претседател на Советот на министри на БиХ професор Славко Кукиќ за Дојче веле истакнува дека по политичките пораки на Тадиќ во Сараево не може да има никакви сомнежи во неговите добри намери:

„Тоа е апсолутно признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, определба за добрососедски односи и за европскиот пат на БиХ и на Србија со меѓусебно разбирање“, нагласува Кукиќ.

„Српското општество е растргнато меѓу европска Србија и Србија од 19 век. Во таа растргнатост, Тадиќ од ден во ден оди по жица, рискирајќи притоа со своите европски пораки да ја натера водата на воденицата на Србија од 19 век“, вели Кукиќ.

Тој додава дека одговорните во БиХ треба да имаат поголемо разбирање за лидерите на соседните земји и нивните внатрешно-политички состојби, како и за повремената недореченост во политичките настапи на Тадиќ.

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски