1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија и Хрватска се договорија

11 септември 2009

Хрватска и Словенија постигнаа договор за продолжување на хрватските пристапни преговори со ЕУ и продолжување на преговорите за решавање на граничниот спор, објавија премиерите на двете земји по средбата во Љубљана.

https://p.dw.com/p/Jd0v

Хрватската премиерка Јадранка Косор денеска (11.09.09) до шведското претседателство со ЕУ испрати изјава дека ниту еден документ, став, писмена или усна изјава во хрватскиот преговарачки процес не ја прејудицира државната граница меѓу Хрватска и Словенија. Во таа гаранција исто така се наведува дека ниту еден документ или едностран потег по 25 јуни 1991 година нема правно дејство во решавањето на граничниот спор, било на арбитражниот суд, или во текот на преговарачкиот процес.

Jadranka Kosor in Brüssel
Јадранка Косор испрати гаранција до шведското претседателство со ЕУФотографија: DW

Словенија ќе деблокира

Словенечкиот премиер, Борут Пахор, истакна дека преговорите околу решавањето на граничниот спор продолжуваат во рамки на ЕУ, на онаа точката на која беа прекинати на 15 јуни оваа година, кога на маса беше последниот предлог на комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. Пахор истакна дека словенечката влада ќе им предложи на комисиите за надворешни и европски работи при словенечкиот парламент да ги деблокираат претпристапните преговори на Хрватска со ЕУ.

Ако владиниот предлог добие поддршка во парламентот, Пахор рече дека е договорено пристапните преговори да продолжат што е можно поскоро, односно дека двете земји ќе го повикаат шведското претседателство што поскоро да свика претпристапна конференција, што ќе овозможи истовремено да се укине блокадата и да се продолжат преговорите за надминување на граничниот спор. Косор истакна дека се надева оти оваа конференција да се одржи до крајот на септември.

Parlamentswahl Slowenien
Борут Пахор истакна дека словенечката влада ќе предложи деблокада на претпристапните преговори на Хрватска со ЕУФотографија: picture-alliance/ dpa

Победа на дијалогот

Двајцата премиери изразија големо задоволство од постигнатиот договор и оценија дека станува збор за успех и победа на дијалогот и заштитата на интересите на двете држави и народи. Пахор и Косор се согласија дека со овој договор се отвора нова страница во односите меѓу двете земји, или како што рече Косор „поглавје на пријателство и меѓусебно почитување.“

На крајот од прес-конференцијата во Љубљана, на која не беа предвидени новинарски прашања, беше истакнато дека ова ќе овозможи и интензивирање на економската соработка меѓу Хрватска и Словенија.

Словенија го блокира отворањето на девет глави од пристапните преговори, како и затворањето пет глави од преговорите.

Автор: ТТ/ЗЈ/хина

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска