1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слобода за јужнокорејските заложници во Авганистан

30 август 2007

Владата во Сеул се согласи во замена за заложниците да ги повлече трупите од Авганистан до крајот на годината, што беше и планирано и да не врши веќе мисионерска дејност во таа земја. Повод за остри коментари во печатот

https://p.dw.com/p/BZgD
Дел од ослободените заложнициФотографија: AP

”Лајпцигер Фолксцајтунг” пишува:

”Првпат една влада која има војници во Авганистан преговараше директно со Талибанците. Искушението за повторување на рецептот за успех, на тој начин ќе се зголеми во иста мерка колку идните тешкотии на западните влади да им се спротивстават на натамошни изнудувања преку други киднапирања. Кој ја критикува јужнокорејската влада дека со нејзините потези отвора врата за враќање на Талибанците на власт, не ја согледува како што треба реалноста. Од една страна, исламистичките борци одамна станаа фактор на моќ, а од друга зделката со заложниците не е вистинската причина за мизеријата во Авганистан, туку е во секој случај симптом и израз на неуспешна меѓународна мисија.”

Во ”Алгемајнен Цајтунг” се вели:

”Корејските заложници се ослободени и го спасија животот. Тоа е позитивниот дел на актуелните случувања околу заложничката драма во Авганистан. Негативниот е многу пообемен. Тоа што се‘ повеќе се исплаќа да се киднапираат заложници, беше јасно и пред Јужна Кореја да попушти, но преку текот на оваа афера уште еднаш беше потврдено. Со ова животот на сите странци во Авганистан стана уште поопасен.”

”Ноје Рур/Ноје Рајн Цајтунг” констатира:

”Преговорите со киднаперите се секогаш тешки. По правило, тие одат преку посредници. Никогаш официјално не се исплаќа откуп. Јужните Корејци го прекршија ова непишано правило. Тие преговараа директно со Талибанците и на тој начин фактички ги признаа за легитимна власт во земјата. И, тие на екстремистите им дадоа уште нешто што има тежина – договор за повлекување на јужнокорејските сили од Авганистан. Тој веќе долго време беше договорен, но Талибанците ќе го искористат за свои цели и ќе го дезинтерпретираат во јавноста. На тој начин, Сеул не само што натамошно ја ослабна владата на Карзаи, туку ја ослабна и позицијата на германската влада во напорите за ослободување на (инженерот) Рудолф Б.”

”Абендцајтунг” забележува:

”Роднините слават, владата во Сеул слави и молчи. Се надева дека сите јужнокорејски заложници ќе бидат ослободени. А, сепак, вчера беше горчлив ден во борбата против Талибанците, удар за Авганистан. Досега важеше консензусот да не се подлегнува на обидите за изнуда на Талибанците. Корејските дипломати укажуваат на веќе постоечките планови за повлекување, но се противат на проценките дека трупите си одат за мисионерите да бидат ослободени. На славеничкиот крик на Талибанците нема да се чека. Теророт, грабнувањето луѓе сепак се исплаќа.”