Славата нема долг век!
26 март 2013Ако ги прашате хрватските основци што сакаат да станат кога ќе пораснат, повеќето од нив, како впрочем и нивните врсници во светот, сакаат да станат пејачи, спортисти или глумци, можеби дури и телевизиски водители. Професии кои се разбира носат слава и пари, пријатен живот без секојдневно размислување за преживување. Притоа има една значајна разлика: за да се биде актер во Хрватска се’ уште мора да се заврши факултет. Но, за жал тоа е влог кој не гарантира професионален успех.
Како живеат актерите?
Една од најангажираните и најпопуларни хрватски актерки е Вера Зима, најмногу благодарејќи и’ на главната улога во многу гледаната хумористична серија „Одмори се, заслужи“, која веќе со години се емитува на Хрватската телевизија. Таа е задоволна со својата улога на т.н. мала секојдневна жена, мајка на семејството, која е блиска до повеќето гледачи, но која сепак и’ носи живот поквалитетен од хрватскиот просек.
„Погледнете, ме фативте во момент на раскош. Не би смеела да споменам дека тукушто си купив лосос и слични деликатеси за да ја подготвам прославата за 60. роденден. Навистина можам да си дозволам што ми треба и добро ми е“, искрено говори за ДВ и напоменува дека не им е на сите така.
Малку работа за младите неафирмирани актери
Таа вели дека има голема продукција на млади актери кои подоцна тешко наоѓаат работа која ќе им осигура добар стандард. „Кога ќе се навратам, бевме четворица во мојата генерација на загребската Академија, а успеавме тројца. Денес дури има и неколку академии кои примаат по дванаесет луѓе“, споредува оваа актерка која во последните седум години е активна надвор од театарот. Објаснува дека младите малку работат, а за уште поголем проблем го смета снимањето на лошо напишани, брзи и евтини сапуници кои се произведуваат со брзо темпо. Тоа се работи кои од немајкаде ги преземаат школувани актери за кои нема место во театрите, а чиј број стагнира со десетлетија. За да се афирмираат младите работата во актерски групи, кои никој не ги финансира и повремено работат евтино платени работи кои ќе им бидат понудени. „Ги обожувам тие млади талентирани луѓе и знам дека животот го бара своето. Мораат да јадат“, вели Зима. Тука се уште и нешколуваните актери, кои се согласуваат да глумат за уште помала плата и така ја рушат цената на пазарот. Нашата соговорничка вели дека и тие се добредојдени, но напоменува дека пронаоѓање на квалитетни актери меѓу оваа група бара многу време и труд.
За феноменот телевизија и поистоветувањето на успехот и појавувањето на телевизија Вера Зима вели дека тоа е одлика на денешнината. „Луѓето се’ помалку имаат време за театар. Не сакам да кажам дека театарот изумира. Јас имав среќа, бев паметна, донекаде и талентирана. Ми се случија филмови, а потоа и ова што го работам. Најлошо ми е што децата денес гледаат португалски и шпански сапуници од кои немаат што да научат освен да ’трепкаат со очи’ и да гледаат ’убава облека’, а потоа и во реалниот живот инсистираат на тоа. Но, ние актерите тука сме немоќни“, вели нашата соговорничка. А, реалниот живот се, напоменува таа, жени од текстилната индустрија во Хрватска кои доаѓаат на работа и по осум месеци не добиваат плата.
Естрадните уметници доминираат во медиумите
Уредничката на загрепското забавно радио Хит ФМ Силвија Новак вели дека сепак во овој момент во Хрватска најголеми ѕвезди се пејачите, особено меѓу младите. Со оглед на тоа што Новак работи и на медиумско описменување на младите, од искуство вели дека децата сметаат оти луѓето од екраните и од трач-рубриките водат живот каков што тие младите сакаат да имаат. „Децата не сфаќаат дека тоа е ’балон од сапуница’ и дека не постои таков живот. Тоа е бајка која ја создаваат медиумите“.
Таа опишува дека естрадните уметници се обидуваат во медиумите да остават впечаток кој всушност е подобар од релансота. Вели дека знае за случаи кога новинари и фотографи биле носени во некаков раскошен стан кој му припаѓа на некој друг и потоа го претставуваат како да е нивен.
Но, добар дел од естрадните уметници живеат двоен живот и средствата за живот ги заработуваат вон сцената. „Кога некој работи во некоја адвокатска канцеларија или е успешен економист, тоа не е работа која завршува во весниците, бидејќи не е гламурозна работа. Сепак, тоа се помудрите меѓу нив, бидејќи славата нема долг век. Ако си доволно паметен ќе си обезбедиш факултетска диплома и стабилна работа“.
Комуникацијата со јавноста не го заменува талентот
Но, може ли оддржувањето на споменатиот „меур од сапуница“ да помогне за создавање кариера и заработка на пари? Ивана Очевчиќ од ПР агенцијата „Амбрела комуникации“ вели дека може, но многу краткорочно, по што следи соочување со реалноста и големи проблеми. Лажен сјај и непостоечко богатство сигурно не се патот по кој треба да тргнат луѓето кои сакаат да живеат од својот талент. Таа вели дека потребата од стручњаци за јавно комуницирање била најголема кај пејачите и постоеле поединци кои ги користеле овие услуги. Сепак постојат и оние кои немаат доволно знаење и средства, оние кои се обидуваат самите да го направат тоа: „Во Хрватска постојат вистински ѕвезди: како по она што го работат, така и по начинот на кој живеат. Но, постојат и оние кои само го сакаат тоа. На овие вторите ниту една сила неможе да им помогне да станата А-категорија“.