1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скромниот биланс на Обама во екологијата

Симон Брол / Жана Ацеска23 септември 2014

На претстојниот самит на ОН за климата во Њујорк (23.09.2014), активистите се надеваат од американскиот претседател да чујат конкретни зборови. Неговата досегашна еколошка политика разочара многумина.

https://p.dw.com/p/1DGv4
Фотографија: Simon Broll

Кога бурата „Сенди“ пред околу две години беснееше над Њујорк, невремето го погоди и соседството на Елизабет Јимпајарс во Бруклин.

„Луѓето ги загубија своите куќи, одеднаш се најдоа без покрив над главата. Притоа ние во Сансет парк уште имавме и среќа во споредба со останатите градски квартови“, се сеќава еколошката активистка.

За тоа да не се повтори, таа се приклучи на Маршот за климата во централниот парк. Заедно со 310.000 истомисленици Јимпајарс сакаше да даде знак на протест против затоплувањето на Земјата.

„Дојде моментот за акција и нашите водечки политичари тоа мора да го сфатат“, вели активистката. Таа првенствено мисли на американскиот претседател Барак Обама, од кого досега е прилично разочарана“ во поглед на политиката на заштита на животната средина.

„Мислев дека тој во својот втор мандат посилно ќе се залага во борбата против климатските промени. Но, досега малку видовме од тоа“.

Притоа, расте бројот на невремиња и сушни катастрофи и во САД. Според една студија на Сојузот за помош „Оксфам“, во САД во последните пет години се регистрирани 100 природни катастрофи, повеќе отколку во која било друга држава. Поради добрата финансиска ситуација на американските граѓани, штетите се помали отколку во другите посиромашни светски региони, на пример на Филипините по тајфунот „Хајан“ или по катастрофалните поплави во Пакистан.

Klima Marsch USA New York City 21.9.2014 Elizabeth Yeampierre
Елизабет ЈимпајарсФотографија: Simon Broll

Кога денеска 120 шефови на држави и влади ќе се соберат на Самитот на ОН за климата, очите на мнозинството од нив ќе бидат вперени во американскиот претседател. Тој не може да молчи или да гледа настрана, сметаат експертите. Тоа јасно го покажаа демонстрантите во Њујорк.

Поддршка од граѓаните, блокада во Конгресот

За Џенифер Морган од вашингтонскиот институт „Светски ресурси“, маршот на екологистите беше јасен знак дека во САД доаѓа време за реформи.

„По ’Сенди’ кај населението нарасна поддршката за заштита на климата. Претседателот Обама треба да го искористи ова расположение за да се ангажира засилено за заштита на природата“, вели директорката на Програмата за енергија и клима.

Морган не е толку убедена дека од тоа може да произлезат и закони.

„Токму во моментов е тешко воопшто да се протурка некој предлог во Конгресот. Обама тоа го почувствува за време на својот прв мандат“, вели таа.

Во 2010 година Обама сакаше да усвои закон со кој електраните ќе беа принудени да добиваат права за емитување штени гасови. Но, неговата замисла пропадна во Сенатот.

USA, klima, kohlekraft, CO2, emissionen
Фотографија: ap

Гранични вредности за термоелектраните

Затоа, Обама во својот втор мандат тргна по друг пат, убедена е Морган. Поддржан од Службата за заштита на природната средина (ЕПА) тој иницираше построги гранични вредности за термоелектраните. Според тоа, до 2030 година тие сите треба да ја намалат својата емисија на ЦО2 за 30 проценти во споредба со 2005 година. Тој пожнеа критика што регулативата ја донесе без учество на Конгресот, првенствено од страна на Републиканците и индустријата за јаглен. Таа дури зборува дека Обама води „војна против јагленот“. Во моментов предлогот е на расправа, а идната година треба да стапи во сила.

„Ако претседателот успее во постапката, ќе биде повеќе отколку што им успеало на неговите претходници“, вели Лоу Леонард, заменик-претседател на Програмата за климатски промени на еколошката организација ВВФ.

„Обама би покажал дека може да спроведе и непријатни мерки во областа на заштитата на екологијата“.

Иако, за Леонард намерите на Обама не се доволни.

„САД е најголемиот загадувач на екологијата по Кина. Емисијата на шттени гасови мора да биде уште повеќе ограничена за да се постигне целта -намалување на глобалното затоплување за два Целзиусови степени“, вели активистот.

Спорни теми: фракинг и стимулирање на соларната енергија

Колку радува регулативата во однос на ЦО2, толку повеќе многумина граѓани покажаа загриженост на протестниот марш поради недоволниот ангажман на Обама во останатите спорни теми. Посебно жестоко се демонстрираше против постапката фракинг, со која со употреба на хемикалии се добива земјен гас. Во Оклахома, каде фракингот посебно интензивно се применува, веќе во првите четири месеци од годинава се измерени 145 земјотреси со сила од 3 степени, известува часописот „Атлантик“. Научниците се сомневаат на поврзаност на фракингот со зголемениот број потреси.

Klima Marsch USA New York City 21.9.2014 Christina Wright
Кристина РајтФотографија: Simon Broll

Незадоволство владее и во однос на темата субвенции за соларна енергија. Кристина Рајт од Менхетен на маршот раскажува за своето искуство да инсталира соларни колектори на покривот од куќата:

„Трошоците беа толку високи, што не можев тоа да си го дозволам“. Поради претстојните избори за Конгресот во ноември таа стравува дека Обама нема да се зафати со оваа тема.

Обама како лидер во заштитата на климата?

Сепак многу од граѓаните се надеваат Обама на Самитот на ОН за климата да преземе водечка улога, со оглед на тоа што ќе отсуствуваат многумина државници. Премиерите на Канада и на Русија го откажаа учеството, Кина и Индија испраќаат само свои претставници на пониско ниво. И германската канцеларка Ангела Меркел нема да патува лично, туку во Њујорк ја праќа министерката за екологија Барбара Хендрикс. Затоа растат очекувањата кон САД.

„Сакам Обама јасно да се изјасни за заштитата на екологијата“, вели Лоу Леонард.

„Конкретни бројки, колку САД ќе ја намалат емисијата на штетни гасови, ќе бидат веројатно наведени дури идната година на Климатскиот самит во Париз“. Но, Њујорк, истакнува Леонард, треба да биде важен патоказ на патот кон нов ангажан во заштита на климата.