1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

011110 Westerwelle Russland

2 ноември 2010

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот германски колега Гидо Вестервеле на средбата во Москва се осврна на германско-руските односи, како и учеството на Русија во антиракетниот штит на НАТО.

https://p.dw.com/p/Pw1c
Гидо Вестервеле и Сергеј ЛавровФотографија: AP

Повеќето од темите за кои разговараа двајцата министри за надворешни работи не се нови. Сергеј Лавров и Гидо Вестервеле заедно го повикаа иранското раководство уште месецов да се врати на преговарачка маса и да се обноват преговорите околу спорната атомска програма на земјата.

На дневен ред: антиракетиот штит на НАТО

И планираниот антиракетен штит на НАТО не беше за првпат на агендата. Шефот на германската дипломатија изрази надеж дека Москва ќе ја прифати поканата за конструктивна соработка: „Внатре во НАТО се потрудивме да издејствуваме јасна покана до Русија за соработка во оваа дефанзивна програма. За неа подетално ќе се разговара во Лисабон и најотворено го поздравувам тоа што претседателот Дмитри Медведев одлучи лично да дојде на самитот. Тоа е многу важен сигнал“, нагласи Вестервеле.

Guido Westerwelle in Moskau Russland
Германскиот вицеканцелар во МоскваФотографија: AP

Лавров, пак, беше порезервиран. Прво и основно, мора заеднички да се процени степенот на заканата. Освен тоа, Русија сака да добие повеќе информации како конкретно би се вклучила во проектот. Тие ќе бидат познати по скорешната посета на генаралниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен на Русија, смета Лавров.

Германија се залага за укинување на визната обврска за Русија

Уште една од централните теми на средбата меѓу германскиот и рускиот министер за надворешни работи беше и визната политика кон Русија. Лавров изрази задоволство што на ниво на ЕУ може да се почувствува придвижување на работите на ова поле. Германија и натаму се залага за укинување на визната обврска меѓу Русија и државите од Шенген-зоната, нагласи Вестервеле: „Во принцип, прашање на време е кога меѓусебната визна обврска ќе стане историја. Познато е дека работиме на остварување на таа цел, меѓутоа мораме да согледаме дека мора да се преминат многу практични пречки, кои не можат да останат игнорирани“, рече германскиот министер за надворешни работи за време на својата трета официјална посета на Русија.

Автор: Кристоф Грабенхајнрих/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска