1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал: Германските пратеници да не патуваат во Турција?

Јенс Турау/превод: Ж.А.14 јуни 2016

Пратениците од Бундестагот со турско потекло засега да не патуваат во Турција, препорачува германското Министерство за надворешни работи. Ова е едноставно скандалозна работа, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/1J6Ni
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Германското Министерство за надворешни работи во Берлин ги советува пратениците во парламентот со турско потекло да се воздржат од патување во Турција поради безбедносни причини. Нивниот „прекршок“: тие во Бундестагот гласаа на начин кој не му е по волја на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тие ја поддржаа резолуцијата со која масакрот врз Ерменците извршен во Отоманското царство пред околу сто години, се нарекува - геноцид. Ердоган изрази сомнеж во турските корени на пратениците, барајќи извршување соодветни тестови на нивната крв. Оттогаш, се зголеми обемот на пораки со омраза и нивото на закани кои ко-шефот на Партијата на зелените Џем Ездемир и другите народни пратеници со турски корени секојдневно ги добиваат. Во понеделникот Ездемир до телевизиското студио во Берлин мораше да биде доведен со полициска заштита, што е голема монструозност, но повтори - нема да потклекне под притисокот.

Ездемир во одбрана на основните права

Ездемир исполнува возвишена, благородна обврска како парламентарец и граѓанин, без оглед на смртните закани. Тој застанува во одбрана на слободата на зборот и на мандатот кој и натаму го извршува. Притоа, останува и присебен, залагајќи се Германија да ги укине визите за Турците во моментот кога владата во Анкара ќе ги исполни своите обврски. Значи, без дополнителни закачки, што во случајот би било и повеќе од разбирливо.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Минатата недела спикерот на Бундестагот Норберт Ламерт употреби јасни зборови за однесувањето на турскиот претседател. Но, канцеларката се ограничи на ракоплескање и потврдно климање со главата. А нејзиниот портпарол ги повтори млаките формулации од последните денови - дека притисокот врз германско-турските пратеници е несфатлив. Владата очигледно не сака да се замери дополнително со турскиот владател, иако тешко дека ќе го натера да се смилостиви.

Меркел мора да биде јасна

Нема аргументи против склучувањето договори дури и со држави кои политички функционираат сосем поинаку. Вреднувањето на дипломатските контакти и меѓудржавните договори само од височината на западно-демократскиот вредносен канон би било бесполезно. Значи, ако ЕУ соработува со Турција во бегалската криза и Турција, како што се чини, се придржува на сите договори, тогаш и ЕУ и Германија мора да го прават истото, тогаш мора да отпадне и визната либерализација. Но, исто така мора да биде јасно - не смее да се дозволи од надвор да се шират закани кон пратениците во сопствената земја. А секој одделен пратеник во овој случај треба да биде сигурен во добивањето заштита од сопствената влада. Со збор и со дело.