1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Алди ги повлекува јајцата од продажба

ЖА
4 август 2017

По скандалот со откриени токсини во јајца од Холандија, еден од најголемите германски синџири на супермаркети, комплетно ги повлече јајцата од трговијата. Се вели дека мерката е чисто превентивна.

https://p.dw.com/p/2hghw
Deutschland Eier im Supermarkt
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Во соопштението на прехранбениот дисконтер се вели дека и натаму не произлегуваат никакви здравствени опасности, но отсега во Алди ќе може да се лиферуваат само јајца со приложен доказ за неприсуство на токсини, првенствено на инсктицидот против растителни вошки, кој содржи фипронил. Претпријатието најавува дека оваа мерка може да води до проблеми во снабдувањето со јајца, но ја истакнува нејзината неопходност во функција на желбата за воспоставување „јасност и транспарантност“ кај своите муштерии.

Уште од почетокот на неделата, Алди веќе не се снабдува со јајца од привремено затворените холандски живинарски фарми, а деновиве од одделни региони превентивно од продажба беа повлечени сите видови јајца. На муштериите кои купиле јајца во филијалите на дисконтерот, со приложување на сметката, ќе им бидат вратени парите.

Едека, еден од исто така големите синџири на супермаркети, не гледа причина за стопирање на продажбата на јајца, аргументирајќи дека ги набавува исклучиво од производители од Германија, кај кои не е откриено присуство на фипронил. 

Eier-Vernichtung in den Niederlanden
Фотографија: picture-alliance/dpa/Huisman Media

Според тврдењата на трговијата, од холандските супермаркети се отстранети сите јајца кај кои е констатирано присуство на инсектицидот. Вчера Службата за контрола на прехранбените производи, НВВА, објави листа со сите контролни броеви на затруени јајца, по што остануваат затворени 138 претпријатија, што е околу 20 проценти од холандските живинарски фарми.

Во Германија, според зборовите на долносаксонскиот покраински министер за земјоделство, Кристијан Мајер, се продадени многу повеќе со токсини оптоварени јајца од Холандија отколку што досега беше познато. Најновите информации гласат дека не станува збор за три, туку за десет милиони јајца, рече министерот.

Притоа, смета тој, кулминацијата во скандалот со затруени јајца уште не е достигната. Засега нема никакви укажувања дека произлегува опасност по здравјето и од кокошкино месо, но во врска со ова сѐуште се вршат испитувања. Под лупа се и производите во кои се содржат јајца.

Засегнати се досега 12 германски сојузни покраини, а клучна улога играат Долна Саксонија и Северна Рајна Вестфалија. Ситуацијата е под контрола, велат надлежните служби, но алармот не е исклучен.

Скандалот потекна од откривањето токсичнаматерија во јајцата од холандско производство, увезени и во Германија, меѓу кои и био-јајца.