1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуација во која Израел губи

Денис Штуте / Александар Методијев1 август 2014

Израелската копнена офанзива против Газа е прекумерна, вели израелскиот писател Амос Оз во интервјуто за ДВ. Тој ја критикува и стратегијата на Хамас, кој преку жртвите ја зголемува својата поддршка меѓу Палестинците.

https://p.dw.com/p/1Cn2k
Фотографија: picture-alliance/dpa

Амоз Оз: „Би сакал да го почнеме интервјуво на многу необичен начин - со поставување едно или две прашања за вашите читатели. Смеам ли?“

Дојче веле: Повелете!

Амоз Оз: „Прво прашање: Што би направиле ако соседот од преку улица седне на балконот, го стави неговиот мал син во скутот и почне да пука со митралез кон вашиот расадник? Второ прашање: Што би направиле ако вашиот сосед од спротивната страна на улицата ископа тунел од неговиот кон вашиот расадник со цел да би го разнесе домот или со цел да ви го киднапира семејството? Со овие две прашања вам ви го препуштам натаму интервјуто“.

Дојче веле: Дали, како и во случајот на втората војна во Либан во 2006 година и офанзивата во Газа во 2009 година, ја поддржувате сегашната израелска офанзива во Појасот Газа?

Амоз Оз: „Не, јас поддржувам само ограничен воен одговор, а не неограничен воен одговор, како што направив и во 2006-та и како што направив подоцна во однос на битките во Газа“.

Дојче веле: Каде ја потцртувате линијата?

Israelischer Schriftsteller Amos Oz
Амос Оз се залага за решение на две држави во израелско-палестинскиот конфликтФотографија: picture-alliance/ZB

Амоз Оз: „Уништување на тунелите без оглед од каде доаѓаат и обид за погодување стриктни цели на Хамас, а не други цели“.

Дојче веле: Се чини има проблем овде. Тунелите се сложен систем и е тешо да бидат најдени. Влезовите се сокриени во јавни и приватни згради, па треба да се направат пребарувања од куќа во куќа, што имплицира човечки животи. Истото важи и за уништувањето ракетни фрлачи во цивилни области...

Амоз Оз: „Добро, се плашам дека не постои начин во светов да се избегнат цивилни жртви меѓу Палестинците, се’ додека соседот го става своето дете во скут додека пука кон твојот расадник“.

Дојче веле: Дали оваа аналогија со детето во скутот е навистина соодветна? Газа е густо населена и неминовно е позициите на Хамас да бидат во населени области...

Амоз Оз: „Да, и тоа е стратегијата на Хамас. Затоа ова е ситуација во која Израел губи, како и да свртите. Колку повеќе израелски жртви, толку подобро за Хамас. Колку повеќе Палестинци цивилни жртви, толку подобро за Хамас“.

Дојче веле: Дали тековната копнена офанзива е ограничена или неограничена?

Амоз Оз: „Сметам дека во одреден дел е прекумерна. Немам детална информација што всушност се случува на терен, но ако се суди според некои од ударите што ги направи израелската армија во Газа, тогаш мислам дека во одреден дел воената акција е прекумерна - оправдана, но прекумерна“.

Дојче веле: Што предлагате?

Амоз Оз: „Мојот предлог е да му се пристапи на Абу Мазен (палестинскиот претседател Махмуд Абас, н.з.) и да се прифатат условите кои ги знае целиот свет: решение за две држави и коегзистенција меѓу Израел и Западниот Брег; два главни града во Ерусалим; взаемно договорена промена на границите; отстранување на еврејските населби од Западниот Брег. Ако луѓето во Рамалах или Наблус во Западниот Брег живеат во просперитет и слобода, тогаш верувам дека луѓето во Газа порано или подоцна ќе му го направат на Хамас она што луѓето во Романија му го направија на Чаушеску. Не знам колку време ќе е потребно, но тоа е предодредено да се случи, едноставно само затоа што луѓето во Газа ќе бидат љубоморни за слободата и просперитетот кој ќе го уживаат нивните браќа и сестри во Западниот Брег во државата Палестина. Според моето мислење, ова е решението, иако решението не може да се примени за 24 или 48 часа“.

Дојче веле: Можете ли да си замислите палестинска држава која не е непријателски настроена кон Израел?

Gaza - einziges Kraftwerk brennt
Израел ја гранатираше единствената електрана во ГазаФотографија: Getty Images

Амоз Оз: „Апсолутно. Верувам дека мнозинството од Палестинците не се во љубов со Израел, ама со стиснати заби прифаќа дека израелските Евреи нема да си одат некаде, како што и мнозинството од израелските Евреи, кои се несреќни и со стиснати заби, прифаќа дека Палестинците се тука за да останат. Ова не е основа за меден месец, ама веројатно за фер развод, исто како во случајот на Чешката Република и Словачка“.

Дојче веле: Многумина сметаат дека решението за две држави е мртво, со оглед на тоа што се одвиваше изградбата на населби и патишта во Западниот Брег.

Амоз Оз: „Па, пред неколку години видов како премиерот Ариел Шарон ги отстрани сите еврејски населби и еврејската војска од Газа за само 36 часа без крвопролевање. Не сугерирам дека тоа би се повторило толку лесно во Западниот Брег, но верувам дека ништо во светов не е неповратливо, освен смртта“.

Дојче веле: Зборувавте за долгорочно решение. Но, како би изгледал краткорочниот договор сега? Хамас бара отстранување на блокадата на Газа...

Амоз Оз: „Јас сум за тоа. Сметам дека блокадата треба да биде отстранета. Сметам дека треба да ве впумпаат мноштво на меѓународни, арапски и израелски ресурси во Појасот Газа за ефективна демилитаризација. Ова е предлог што Израел мора да го направи веднаш. Сегашните непријателства ќе запрат, веројатно, само кога една од страните, или можеби двете ќе се исцрпат“.

Дојче веле: Колку може Израел да се чувствува безбедно?

Амоз Оз: „Како можат еврејските луѓе да се чувствуваат безбедни на оваа планета? Не мислам за последните 20 или 50 години, туку за последните 2.000 години. Но, ќе ви кажам која е мојата надеж и молитва за Израел во иднина. Сакам да видам Израел да се тргне од насловните страници на сите весници во светот и освојувањето, окупацијата и градењето населби да биде заменето со литература, уметност, музика и архитектура. Ова е мојот сон за иднината“.

Амос Оз, роден како Амос Клаузнер, е наградуван израелски новелист, новинар и професор по литература. Неговите дела се преведени на 42 јацици, вклучително и на арапски. Оз, кој е роден во Ерусалим, се залага за решение на две држави во израелско-палестинскиот конфликт.