ЕП не ѝ попушта на Турција за безвизен режим
12 мај 2016Во Европскиот парламент (ЕП) турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веќе нема ниеден поддржувач. Напротив, кога би можел, тој – според неговата досегашна практика - би морал сите парламентарци да ги даде на суд, оти никогаш досега тие, независно од партиската припадност, не беа толку единствени во критиката. А најновиот обид за уценување од страна на неговиот советник Бурхан Кузу уште и го заостри тонот во дебатата.
Условите не се исполнети
Единствен половично позитивен тон дојде на почетокот од еврокомесарот Димитрис Аврамопулос, кој мораше да се обиде да го спаси ако може договорот со Турција за бегалците. Поради тоа тој зборуваше за многу веќе исполнети услови за воведување безвизен режим за патување на Турците во земјите на ЕУ. Но, многу недвосмислено ги наведе и петте отворени прашања: промени во областа на заштитата на податоците, потоа кај соработката со Европол и со правосудните власти на ЕУ, кај борбата против корупцијата и во врска со сега веќе озлогласениот антитерористички закон на Турција. Тука ЕУ бара тој да се преформулира и веќе да не смее да се применува против новинари и критичари на владата.
Но, турскиот министер за европски прашања Волкан Бозкир во Стразбур ја повтори пораката од Анкара дека не се ни помислува на промена законот. Па сепак еврокомесарот Аврамопулос ја заврши својата изјава со реченицата: „Ние мораме да останеме оптимисти“. Но, во тоа беше осамен во пленарната сала на европарламентот.
Не смееме да дозволиме да бидеме уценети
Либералната пратеничка Софи Ин т‘Фелд е посебно страсна критичарка на турскиот претседател. Таа се сомнева и во чувството за реалност на Европската комисија: критериумите кои уште не се исполнети не се „детали“, а описот на Комсијата за напредокот во исполнувањето „едноставно не е соодветен на реалната состојба“, оцени европратеничката. Според неа, европарламентот и земјите-членки се уценувани, оти ако не донесат решение за безвизен режим Турција сака реката бегалци повторно да ја насочи кон ЕУ. Но, Европа и самата се доведе во ситуација да може да биде уценувана зашто е слаба и поделена, смета Ин т‘Фелд, која изрази жалење дека ЕУ „прави зделки со диктатори“, наместо да договори заедничка европска политика за бегалците.
Слично се искажа и Ребека Хармс од Зелените: „Новинари и критичари на Ердоган завршуваат во затвори“ и ЕУ не смее да стане соучесник во тоа и да го превиди кршењето на основните права. „Не смееме уште и да го поддржуваме авторитарниот пат на Ердоган“, рече Хармс, која ја предводи фракцијата на Зелените. Таа навистина призна дека Турција политички ѝ е потребна на ЕУ, но сепак ЕУ мора да биде многу попретпазлива во тоа како ќе соработува со неа во бегалската политика.
Зделката со Ердоган е пред пропаст
Ердоган прогонува новинари, бомбардира цели градски квартови населени со Курди, сака да им го укине парламентарниот имунитет на пратениците на ХДП (прокурдска партија – н.з.), „тој води војна против сопственото население“, рече и социјалдемократот Курт Флекенштајн. Само ако Турција целосно ги исполни сите 72 услова за безвизен режим, тој ќе може да биде воведен, нагласи Флекенштајн. Тој неприкриено додаде: „Зделката со Ердоган е пред пропаст“.
Критиката на политичката ситуација во Турција се провлекува нив целиот европарламент. Италијанецот Марио Боргецио од партијата Лега Норд ја нарече таа земја „полициска држава во рацете на еден автократ“. И десниот популист Масимо Касталдо додаде: „Претседателот Ердоган не може да биде наш пријател“ – ниеден европарламентарец, независно од партиските бои, не најде добар збор за турскиот претседател и неговата политика.
Парламентот се декларира
По оваа дебата е јасно дека европарламентот, налутен од најновите провокации од Анкара, ќе остане непопустлив. Огромното мнозинство од пратениците нема да даде согласност за безвизен режим доколку турскиот претседател на го сврти курсот за 180 степени.
Со тоа настанува „пат-позиција“: Ердоган не сака да го промени курсот пред да ги постигне своите политички цели, а тоа ќе трае со месеци. Освен тоа, се чини дека тој наоѓа задоволство во тоа да ја предизвикува ЕУ и да ѝ покаже дека во бегалската политика таа е зависна од неговата добра волја. Од друга страна, тој самиот го продолжи до октомври рокот за почеток на безвизни патување за турските државјани, што го намалува притисокот.
Пратениците во ЕП, пак, апсолутно се декларираа дека ќе нема „распродажба на вредности“ само за да се спаси зделката со Турција за бегалците. Ќе мора без остаток да се исполнат сите 72 услова, а тоа посебно се однесува на спорниот антитерористички закон.
Топката е назад кај архитектите на зделката
Повеќемина парламентарци во Стразбур укажаа дека сега повторно се на потег архитектите на зделката со Турција – значи владите на земјите-членки. Потребни се нови решенија и некаков план Б. Се чини дека во меѓувреме реализмот се врати и во Берлин, оти сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие по седницата на фракцијата признал дека е можно пропаѓање на договорот за безвизен режим. Со тоа наскоро може да започне втора рунда во спорот околу европската политика за бегалците.