Сите прогласија победа во Албанија
24 јуни 2013Првичните официјални резултати од парламентарните избори кои вчера се одржаа во Албанија се очекуваат денеска (24.06) или најдоцна 72 часа по затворањето на избирачките места.
Изборната комисија е речиси парализирана, бидејќи тројца од седумте нејзини членови дадоа оставки уште во април годинава и не беа заменети по кавгата меѓу власта и опозицијата.
Во отсуство на официјални резултати и владејачката Демократска партија на премиерот Сали Бериша и опозициските социјалисти предводени од Еди Рама прогласија победа.
„Ренесансата победи. Силите на злото се победени“, изјави Рама, поранешен градоначалник на главниот град Тирана.
Социјалистите ги базираат своите тврдења на излезните анкети кои ги објави една домашна телевизија, според кои опозицијата освоила 55,5 проценти од гласовите, наспроти 43,5 на власта.
Но и од партијата на Бериша тврдат дека победиле. Самиот тој изјави дека е уверен во „голема победа“. Од Демократската партија цитираат истражување на приватна агенција во кое се тврди дека владејачката партија освоила 48 отсто од гласовите, наспроти 46 на опозицијата.
Поради случувањата во текот на изборниот ден, во земјата владее страв од поголеми насилства. За време на гласањето во гратче во близина на Тирана беше убиен 53-годишен активист на опозицијата. Во престрелката се ранети уште три лица, меѓу нив и кандидат за пратеник на владејачката партија. Полициски портпарол изјави дека „е можно“ престрелката да е поврзана со изборите. По инцидентот се уапсени седум луѓе.
Според Рама, престрелката е „сериозен политички инцидент наменет за заплашување на гласачите“.
Брисел очекува фер избори
Во Брисел, каде двапати досега беше одбивана апликацијата на Албанија за членство во ЕУ, изборите се следат со голем интерес и истите беа оценети како „круцијален тест за демократските институции во земјата и за нејзиниот напредок кон ЕУ“. Откако не успеа да организира мирни и фер избори уште од падот на комунизмот пред две децении, Албанија мора да докаже дека е способна да ги исполни меѓународните стандарди.
Обете страни во текот на кампањата се обвинуваа за купување гласови и други неправилности, што потсетува на изборите во 2009. кои беа полни со нерегуларности и доведоа до повеќемесечна политичка криза и блокада на владата.
И Рама и Бериша на граѓаните им ветуваа подобрување на животниот стандард, особено во северниот дел на земјата, кој е речиси целосно зависен од дознаките на роднините кои се на привремена работа низ земјите од Западна Европа и САД.
69-годишниот Бериша ветуваше нови инвестиции и зголемување на платите и пензиите, додека Рама вети дека ќе расчистува со корупцијата во земјата.