1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите погледи свртени кон Брисел

Катерина Блажевска10 ноември 2015

Во „5 до 12“ пред објавувањето на Извештајот на Европската Комисија, македонскиот парламент пред полноќ со мнозинство гласови ги усвои сите договорени „пржински закони“

https://p.dw.com/p/1H2bf
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, неколку минути пред полноќ Собранието го изгласа договорениот пакет закони неопходни за спроведување на Договорот од Пржино. Иако терминот на објавувањето на Извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати до вчеравечер на беше потврден од официјален Брисел, неофицијално се очекува тие да бидат објавени денес, иако не се исклучуваат ни „ситни поместувања“. Извештаите за Македонија и другите земји, еврокомесарот Јоханес Хан би требало прво да ги презентира во Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, а потоа и во Европската Комисија. Потоа се очекува шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав, Извештајот да им го предаде на македонските власти и на партиите.

Се бара посветено лидерство

Во политичката јавност со голем интерес се очекува содржината на Извештајот, особено дали по наодите во него, земјата ќе добие седма по ред препораката за преговори со ЕУ и каква ќе биде таа. Дипломатски извори велат дека кога станува збор за напредокот на Македонија, сега се најважни обврските што земјата треба да ги реализира во согласност со Договорот од Пржино. Односно, дека поважно од тоа како било, е - „како ќе биде“.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Фотографија: MIA

„Познато е што се случуваше во претпржинскиот период. Од тоа сите политички субјекти треба да извлечат поуки, за да не се повторат причините што доведоа до криза. Инаку, сите извештаи на ЕК и досега нотирале и успеси и недостатоци во одредени области, односно одредна условеност или укажувања што уште треба да се направи за да се исполнат неопходните критериуми за придвижување напред. Од тој аспект, сега од политичките лидери се очекува со искрена посветеност и добра волја да го спроведат Договорот од 2 јуни/15 јули. Тој процес ќе биде темелно мониториран за да и се помогне на земјата, како што впрочем им се помагало и на други“, велат дипломати.

Извори од Брисел неофицијално наведуваат три причини поради кои ЕК во изминатиот месец во повеќе наврати го одложуваше објавувањето на извештаите: изборите во Турција и преговорите со турскиот претседател за помошта од ЕУ за бегалски кампови во Турција; преговорите во Македонија за излез од политичката криза; и различната структура на извештаите на ЕК од годинава, што во голема мера го пролонгирало нивното финализирање.

Оценки од 1 до 5

Она што од Брисел го најавуваат како „различна структура“ на извештаите, е тоа што од годинава Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово, за првпат треба да добијат оценки од 1 до 5 за тоа во која област напредуваат или назадуваат. Со тоа секоја земја ќе може да направи компарација за нејзините реформски перформанси во споредба со другите, но и за сопствената динамика во достигнувањето на критериумите. Се смета дека нумерички одбележан резултат е еден еден вид „визуелизација“ на состојбите. Со тоа би се избегнала сувопарната фразеолошка дескрипција, која националните влади пред своите граѓани понекогаш ја злоупотребувале за да ги интерпретираат констатациите во Извештајот многу поразлично од она што фактички тие го означувале. Секој граѓанин ќе може да разбере што значи „единица“, а што „петка“, а политичките лидери ќе останат без можност да ги интерпретираат забелешките според свои цели и потреби.

Во Македонија засега нема прогнози какви оценки би добила земјата, иако е сосема извесно дека ниски би биле оценките за областите во кои и досега беа констатирани најмногу забелешки, опфатени со поглавјата 23 и 24: владеење на правото, судство, медиуми, човекови права, слобода на изразување...

Медиумите во Србија повикувајќи се на извори во Брисел пишуваат дека „ЕК генерално негативно ќе го оцени односот на српските власти кон слободата на изразување, речникот кој претставници на власта го користат кон новинари и медиуми кои ја критикуваат власта, но и заради кампањите што се водат против претставници на независни институции, меѓу кои и против омбудсманот“. Сметаат дека законодавната активност ќе биде „добро оценета“, а „многу добро“ економските реформи и напредокот во дијалогот со Приштина.

Усвоени „пржинските закони“

Во Македонија најголемиот дел од обврските од Договорот од Пржино се поврзани токму со поглавјата 23 и 24. Експертската група предводена од Рајнхард Прибе, а ангажирана од ЕК, во извештајот констатираше дека „значајни недостатоци се идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми“.

Се претпоставува дека дел од овие забелешки ќе бидат нотирани и во Извештајот на ЕК, со бројни укажувања што се земјата треба да реализира за да се надминат состојбите во критикуваните сфери.

Дел од домашните напори за тоа, беа видливи вчера. Во „5 до 12“ пред објавувањето на Извештајот на ЕК, без дискусија и со мнозинство гласови, парламентот по скратена постапка ги усвои сите договорени „пржински закони“, а жестока расправа имаше единствено за измените и дополнувањата на Изборниот законик. Без расправа помина Законот за Влада, кој отвора пат за создавање преодна влада во транзицискиот период до изборите на 24 април 2016, во која опозицијата ќе има двајца министри - за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и заменици - министри во три ресори - финансии, земјоделство и информатичко општество. Најдоцна до петок, а можно е уште денес, премиерот Груевски да ги предложи новите министри до Собранието, а парламентот да ги изгласа: Оливер Спасовски за внатрешни работи и Фросина Ременски за труд и социјална политика. Новинската агенција „Мета“ објави неофицијална информација дека нов министер за информатичко оппштество, на местото на Иво Ивановски ќе биде неговата досегашна заменичка, Марта Арсовска - Томовска.

Со усвоените измени на Изборниот законик предвидена е промена во составот на ДИК, зголемување на нејзините ингеренции, промена во гласањето на дијаспората и прочистување на избирачкиот список со теренска проверка и проверување на базите на податоци. Со Законот за заштита на приватноста се уредува користењето, располагањето и објавувањето на прислушувани разговори. Законот ќе го опфати периодот од 2008 до 2015 година, но не ги опфаќа разговорите кои укажуваат на јавен интерес, ниту „бомбите“ објавени до 15 јули. Со Законот за заштита на укажувачи (whistleblowers) се уредува заштитата на лицата кои откриваат криминал или незаконитост во институции.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи