1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите очи се вперени во „големиот наследник“-Ким Јонг Ун

20 декември 2011

По смртта на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил сите очи се вперени во неговиот наследник и син Ким Јонг Ун. Во која насока сега ќе оди изолираниот Пјонгјанг – тоа е прашањето што сите си го поставуваат.

https://p.dw.com/p/13VxV
Ким Јонг Ун-накаде ќе ја поведе земјата?Фотографија: dapd

Ден по објавувањето на смртта на Ким Јонг Ил, во Северна Кореја е ден на жалост, а остатокот од светот е во напнато исчекување. Дипломатските врски, посебно меѓу Сеул, Токио и Вашингтон се доведени до зажареност, а премиерот на Јапонија Јошихико Нода вели:

„Се надеваме дека оваа неочекувана ситуација нема да го наруши мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров“.

Нода утрово зборуваше со американскиот претседател Барак Обама, откако во Вашингтон јапонскиот министер за надворешни работи Коичиро Гемба веќе договори со својата колешка Хилари Клинтон внимателно да се следи развојот на Корејскиот Полуостров.

Клучот на мирот е во Пекинг

Клинтон вети дека ќе ги контактира своите колеги во Русија и Кина, а Гемба сака да разговара со Јужна Корја и исто така со Кина, имајќи во предвид дека т.н. преговори на шесторката за нуклеарното разоружување на Северна Кореја веќе три години се на лед.

Nordkorea Kim Jong Il
Дипломатите од соседството и САД се мобилизираат по смрта на севернокорејскиот лидер Ким Јонг ИлФотографија: dapd

Во Пекинг се наоѓа клучот на мирот. Кина е единствен, но моќен сојузник на Северна Кореја. Портпаролот на кинеската влада вети:

„Народна Република Кина ќе продолжи со своите напори да го зајакне пријателството со Северна Кореја. Кина сака да допринесе кон мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров и на севернокорејската територија“.

Од изјавата се гледа дека и Кина е загрижена и дека ситуацијата дури и од кинеска перспектива е далеку од стабилна.

Наследникот без политичко искуство може да направи непромислени чекори

Сега сите очи се вперени кон најмладиот син на покојникот. Ким Јонг Ун со своите веројатно 28 години, но и со четири ѕвездички на генералската униформа, политички е табула раса. Песимистите стравуваат дека неискусниот млад политичар би можел да посака да се докаже пред воената клика и да направи нешто непромислено. Шпекулациите се дека тој би можел да нареди уште еден нуклеарен тест или да повтори некои воени провокации, како што во 2010-та година беше нападот на јужнокорејскиот воен брод на еден остров во пограничното подрачје со Јужна Кореја.

Јужна Кореја и Јапонија веќе ги ставија своите сили во состојба на подготвеност. САД исто така се подготвени за судир, бидејќи на границата со Северна Кореја имаат 28 000 војници.

Меѓутоа, Чолуфан Кан би можел да биде во право. Тој е севернокорејски новинар, кој десет години одлежал во затвор и кој по бегството работи за еден јужнокорејски весник.

„Со смртта на Ким Јонг Ил, Северна Кореја е поблиску до демократија. Ако неговиот наследник продолжи со курсот на татко му, ако не најде решенија за егзистенцијалните проблеми, гладoт и сиромаштијата, тогаш луѓето ќе немаат друг избор освен да го симнат режимот од власт“, вели Чолуфан Кан.

Меѓу народот се слушаат разни работи, но нема говор за рушење на режимот. Наместо тоа, има државно диригирана општа жалост, луѓе на коленици како плачат поради губитокот на Ким Јонг Ил, а една работничка вели:

„Шогунот беше наше небо и сонце. Но, сега по смртта на нашиот сакан водач, ние се потпираме на Ким Јонг Ун. Со него на чело не може ништо да не‘ исплаши“.

Автор: Јирген Ханефелд / Александар Методијев

Редактор: Ж:Ацеска