1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија како Босна

Обработка: Б. Георгиевски (СЦ, Велт) 10 мај 2013

Барак Обама стравува од воена интервенција во Сирија. Но без напади веројатно состојбата само ќе се влоши. На крајот може да произлезе дека „мировниот претседател“ дозволил катастрофа. Дали се научени грешките од Босна?

https://p.dw.com/p/18VNr
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кон средината на 90. години светот беше шокиран самиот со себе. Дозволено беше да се случат геноциди, најпрво во Руанда, а потоа и во Босна“, пишува во денешниот коментар „Зиддојче цајтунг“ под наслов „Ништо за добивка, многу за губење“.

„Во двата случаи никој не сакаше да се вмеша додека не беше предоцна, и двата случаи потсетуваат колку чини кога не се помага тогаш кога треба да се помогне. Неколку години подоцна, силите на САД вмаршираа во Ирак- инвазијата беше слабо подготвена, со уште послаби причини. Беше тоа ужасна војна и воедно предупредување дека не треба да се мешаат прстите баш секаде“.

„И во третата година од сириската граѓанска војна, Западот се придржува до лекцијата од Ирак. Барак Обама речиси по секоја цена сака да остане подалеку од Сирија. По промашувањата во 1990-те, ОН воведоа принцип на одговорност за помош на цивилите, кога нивната власт не може или не сака да им помогне. Обама го преформулира тој принцип- тој се чувствува одговорен да ги сочува САД од нова авантура“.

„Слично размислуваше и Бил Клинтон додека Балканот гореше. И тогаш САД зад себе имаа една ирачка војна и сакаа да се посветат на својата кризна економија. Сепак, по масакрот во Сребреница (на фотографијата горе архивска фотографија од Сребреница) повеќе немаше чекање. САД ги нападнаа босанските Срби и многу брзо изработија мировен договор. Денес, состојбата во Сирија е многу покомплексна отколку во Босна. Сепак, лекцијата од босанските години останува: во некои конфликт мора да се нападне, порано или подоцна, бидејќи зверствата во еден момент стануваат неподносливи“, пишува коментаторот на „Зиддојче цајтунг“.

Реформска програма без реформи

Весникот „Ди Велт“ го критикува реформскиот план кој Словенија планира да го претстави пред Европската комисија.

„Вообичаениот одговор на словенечката премиерка Аленка Братушек „сами можеме да си го решиме проблемот, но потребно ни е време“, е само навестување дека Словенија е следниот кандидат за помош од ЕУ. Владата изработи и усвои план за мерките за штедење со кои треба да ја стабилизира должничката криза без земање кредити од европските партнери. Меѓутоа, синдикатите, трговските комори, економистите и здруженијата на претприемачите брзо реагираа. Тие наведуваат дека програмата со мерки за штедење не е конкретна и дека е полна со големи и нереални желби. Најголемиот проблем на словенечкото стопанство е банкарскиот сектор. Според наводите на владата, на банкарскиот сектор до крајот на јули ќе му бидат потребни 900 милиони евра свеж капитал. Експертите проценуваат дека тоа не е доволно. Само за трите најголеми банки, кои се во државна сопственост, за нивно нормално работење, потребни се меѓу 1,5 и две милијарди евра“.

Slowenien Regierung Alenka Bratusek
Словенечката премиерка Аленка БратушекФотографија: Reuters

„Еден од големите проблеми е и испреплетеноста на стопанството и политиката. Меѓународната консултантска куќа ’Ернст и Јанг’ наведува дека раширеноста на корупцијата во стопанскиот живот во Словенија е најголема во ЕУ. Европската комисија својата оценка за словенечката програма ќе ја даде на 29 мај. Доколку таа е недоволна, комисијата против Словенија може да отвори постапка поради макроекономски дисбаланс. Тоа би можело да значи парична казна во износ од 0,1 отсто од БДП. Вистински проблеми во тој случај Словенија веројатно би имала на меѓународниот финансиски пазар. Прашањето е: кој би бил подготвен да и‘ позајми пари на земја која нема уверлива реформска програма? Без пристап до финансискиот пазар на Словенија и‘ преостанува единствено да бара помош од ЕУ“, заклучува весникот „Ди Велт“.