Сирија застана меѓу Турција и Русија
14 октомври 2012Доколку се оствари посетата на Владимир Путин на Турција, тогаш се очекува високо на агендата да биде Сирија. Позициите на двете земји за ова прашање се разликуваат во голема мера. Кремљ му дава целосна поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, додека Турција отворено повикува на негова итна смена.
И покрај ова несогласување, Турција и Русија соработуваат во многу области – од нуклеарна енергија до туризам. Трговската размена меѓу двете земји годинава се очекува да достигне 35 милијарди долари, а како цел за 2015-та е зацртана бројката од 100 милијарди долари. Тоа укажува дека двете земји си требаат една на друга, но сириското прашање се претвори во голем хендикеп.
Кога турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ја посети Москва во јули, тој информираше дека му дал сугестии на Путин како да се справат со периодот по повлекувањето од власт на Асад, но и дека чека одговор на таквиот предлог. Неодамна Ердоган и јавно ја повика Русија да си ја промени позицијата во однос на Сирија.
Тврдоглава поддршка
Русија има неколку причини за продолжената поддршка на Сирија. Пред се’, Сирија сега е руското последно упориште на Блискиот Исток. Таму е единствената руска поморска база во Медитеранот и Сирија секоја година купува оружје вредно 1,5 милијарди долари. Но, се работи и за нешто друго. Русија стравува од т.н. Арапска пролет, која ги собори режимите во Тунис, Египет и Либија. Сирија би можела да биде следна, а потоа Иран и конечно Русуја. Русија, која има 20 милиони муслимански граѓани, стравува од победата предводена од радикалните исламисти. Но, постои и една помалку опиплива причина. Иако нема голема поврзаност со логиката, сепак Русија има чувство на лојалност кон Сирија, како што направи и со поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, кого продолжи да го поддржува дури и откако остатокот од светот се дистанцираше од него.
Досега Кремљ официјално не го поврза со Сирија откажувањето на посетата на Путин на Турција. Портпаролот Димитриј Пешков рече во интервју за рускиот дневен весник „Ведомости“ дека откажувањето е поради набиената агенда на Путин и дека посетата дефинитивно ќе се случи подоцна.
Во објаснување дадено од турски дипломати, а пренесено од турскиот дневен весник „Хуриет“, се вели дека Рисија би можела да биде фатена во прекубраничното гранатирање меѓу Турција и Сирија и дека би можела да биде присилена да се определи меѓу двете земји, ако настаните ескалираат на воено ниво.
Несогласување за гасот
Постои и уште една област во која Русија и Турција не се гледаат очи в очи. Се работи за полето на енергијата, кое е толку централно поставено во руската економија, што Русија чувствува дека Анкара не ја дава својата цела поддршка на проектот „Јужен тек“ – гасоводот што минува и низ турските територијални води. Во меѓувреме Русите не му даваат значење на гасоводот предложен од Турција, кој треба од Самсун на Црното Море да води кон Џејхан во Медитеранот. А, и еден друг договор, кој вклучува шест милијарди кубици руски природен гас, се’ уште чека финализација.
Значи, постојат причини за стравување од можна криза меѓу Турција и Русија, но нема да биде изненадување ако двете земји, кои некогаш беа и непријатели, на пример за време на Студената војна, не најдат начин да ги заштитат заемните интереси преку добра соработка.