Сириски бегалци во БиХ: Мојот Хомс веќе го нема
7 септември 2012На приземјето од семејната куќа на Ибрахим Бегановиќ, Ријад Абас го пренесува искуството на неговото семејство, кое неодамна пристигна во Грачаница од сирискиот град Хомс. Абас вели дека тие биле бегалци во сопствениот град и оти се преместувале од едно на друго место.
„Нашиот пат за да се извлечеме од Сирија беше многу тежок, бидејќи чекав 40 денови во Дамаск за да добијам виза и да можам да дојдам во Босна“, раскажува за Дојче веле сирискиот технолошки инженер Ријад Абас. Бомбардирањето на Хомс траело деноноќно.
„Со ракети, тенкови, топови и тешко оружје. Нашата власт фрла експлозиви од авиони врз куќи и болници“, раскажува Абас кој со жалење констатира дека ништо не е останато од неговиот роден град Хомс. Таму не работат болниците и поштата, а сообраќајот не е во функција.
Тој забележува дека режимот нема поддршка од граѓаните. Власта ја користи моќта на војската и вооружувањето и воопшто не и‘ е грижа за народот. Режимот сака само да ја задржи власта и положбата.
Помошта на ранетите е помош за бунтовниците?
Пред заминувањето од Сирија Абас работел во болница на прием на ранети лица. Таквата работа властите ја карактеризираат како поддршка за бунтовниците.
„Нашата власт ги прогонуваше ранетите, не‘ прогонуваше нас. Инаку, тие ги прогонуваат сите жители кои ги сметаат за противници на режимот“, додава Ријад Абас.
Тој неслучајно ја избрал Грачаница како прва станица на својот бегалски пат. Во 1973-та година тој дипломирал на Технолошкиот факултет во Тузла, а потоа се оженил со Босанката Бисера. Во 1977-ма година тие се преселиле во Сирија. Таму со татко му и браќата почнал бизнис со автомобилски делови, а Бисера ги разубавувала сириските жени во фризерски салон во Хомс. Тие имаат четири синови и ја замолија екипата од Дојче веле да не пишува ништо за нив.
Пронашле прибежиште во Грачаница
Прибежиште во Грачаница им пружи пензионерот Ибрахим Бегановиќ во својата голема семејна куќа. „Првата инвестиција“ била во сателитска антена и арапски ТВ канали како врска со родниот крај. Абас критикува дека „Советот за безбедност на ОН ја користи истата реторика во Сирија како во времето на војната во БиХ. Оти тие нема да дозволат да се случи злосторство, оти го осудуваат, но сето тоа се само фрази“.
„Вие во БиХ не сте ни виделе десет проценти од тоа што се случува во Сирија. Луѓето плачат, бараат спас, но освен Бога немаат никого“, вели Абас, а неговата сопруга Бисера додава: „Нашата куќа што е таму е разрушена. Повеќе немаме ништо“.
Таа при споменувањето на Сирија и Хомс почнува да плаче. Дел од нејзините синови се останати во земјата, а друг дел се со нив во БиХ. Таа плаче и додека ја покажува фотографијата од внуката, која останала во Хомс.
„Седиме и чекаме да видиме каков ќе биде расплетот во Сирија. Но, немаме ниту куќа, ниту работилница, ниту работа и мислам дека за десет години Сирија нема да биде како што треба. Страв ми е за моите деца, а не за мене. Насекаде има шпиони на режимот и јавните истапувања на моите деца можат да имаат несогледливи последици“, вели Ријад Абас.