Сеќавања со националистички предзнак
28 јуни 2014„Се надевам дека нема да заплачам кога ќе пеам во Вијеќница“, вели Жељка Катавиќ. Оваа пејачка во хорот на босанскиот Национален театар во Сараево вечерва (28.06) ќе настапи заедно со Виенската филхармонија во импозантната зграда од времињата кога Босна беше дел од Австроунгарија. Заедничко сеќавање на стогодишнината од атентатот во Сараево, настан кој не само што ги претвори во непријатели Србија и Австрија, туку беше повод за Првата светска војна.
Вијеќница (на насловната фотографија) е симбол на една друга историја. На почетокот на војната во Босна, во 1992 година, српската војска ја бомбардираше зградата, која во тоа време беше Национална библиотека на Босна и Херцеговина. Беа уништени книги и документи од сите религии и култури кои со векови живееле во повеќенационалната Босна и Херцеговина. Беа уништени дела од Османлиското време, книги на латински, на српски јазик... Мултикултурно богатство. Во август 1992 година од сето тоа не остана многу. Соседите и библиотекарите ризикувајќи го својот живот се обидуваа да спасат што може да се спаси, под постојана стрелба на српската војска од ридот Требевиќ. Тоа беше напад врз симболот на мирниот, мултиетнички соживот во повеќенационалната држава.
Сликите на уништената зграда го обиколија светот
Во опколеното Сараево за време на војната, во од бомби униуштената зграда постојано настапуваа музичари. Овие гротескни сцени од војната, зградата со дупки од бомби, го обиколија светот.
Сега Вијеќница е повторно отворена. Деветнаесет години по војната во БиХ, таа, како европски симбол, е реновирана со многу милиони евра од повеќе држави на ЕУ и од Брисел.
Вијеќница значи собрание. И со таква функција зградата и беше пуштена во употреба од страна на австроунгарската монархија во 1896 година. Раскошен објект кој на крајот на 19 век требаше да ги потенцира претензиите за владеење на Хабсбуршката монархија во тогаш окупираната Босна. Во 1908 година Босна беше и сосема анектирана од Австроунгарија. Шест години подоцна, австрискиот престолонаследник Франц Фердинанд го посети Сараево. На 28 јуни пред 100 години скалите на Вијеќница беа последните по кои мина Франц Фердинанд пред да биде застрелан заедно со сопругата Софи недалеку оттука. Истрели по кои следуваше Првата светска војна.
За едни убиец, за други херој
Историјата на Балканот е многу испреплетена. Во Сараево на атентатот се гледа како на свирепо убиство извршено од младиот српски националист Гаврило Принцип. Политичарите во српскиот дел на БиХ, во Република Српска, наспроти тоа, атентаторот го слават како херој кој се борел против австрискоунгарската окупација. Затоа тие по повод стогодишнината организираа посебна свеченост - во Вишеград. Таму ќе биде отворен Андриќград, селото изградено од Емир Кустурица, неговиот идеал на една мини Србија. А во српското Источно Сараево градоначалникот Љубиша Чосиќ даде налог за изградба на три метри висок споменик на Гаврило Принцип, кој свечено беше откриен вчера (27.06) „Важно е да сме поврзани со историјата“, вели овој политичар на владеачката партија во српскиот дел на БиХ, чиј претседател Милорад Додик постојано отфрла можност за една држава и неодамна повторно се закани со референдум за отцепување за четири години.
Досега тоа е без успех. ЕУ и меѓународните претставници во Сараево тоа постојано го отфрлаат. Сега Европејците го оневозможија последниот план на Додик. Лидерот на босанските Срби сакаше да даде налог за изработка на копија на споменикот на Принцип. Копијата на споменикот Принцип требаше да биде поставен на Калемегдан во Белград, пред српскиот воен споменик подигнат во знак на сеќавање на победата над Австроунгарија. Но српскиот премиер Александар Вучиќ зад кулисите го блокираше проектот. Вучиќ кој се трансформира од српски националист во про-Европеец, сака да ја однесе Србија во ЕУ.
Гаврило Принцип? „Нелсон Мендела“
Национализам во Србија разгоруваат други. Во српската Академија на науки тактот го диктира историчарот Душан Батаковиќ. Атентаторот Принцип и за него е симбол на слободата. „Страшно е како терорист да се опишува некој кој се борел за слобода и против колонијално владеење. Велам, Гаврило Принцип е еден Нелсон Мендела кој можеби употребувал погрешни средства, но тоа на почетокот на 20. век било легитимно.“ Батаковиќ додава дека со концертот на Виенската филхармонија во Сараево, Австрија сака да го сврти погледот од сопствената вина за Првата светска војна. Историчарот во разговор за Дојче веле ја критикува и владата во Берлин: „Се знае дека за Германија, која е виновна за две светски војни, не би било најлоша опција да се отараси барем од едната одговорност.“