Сепак воена помош од Германија за Ирак?
12 август 2014Иако вчера Министерство за надворешни работи на Германија соопшти дека помошта за Ирак ќе се ограничи само на хуманитарна помош, шеф дипломатот Франк Валтер Штајнмајер е сепак на мислење дека со оглед на конфликот во Ирак е потребно повеќе отколку само хуманитарна помош. „Со оглед на драматичната состојба јас сум за тоа да се оди до границите на она што е можно од политички и правен аспект“, изјави Штајнамјер за утрешното издание на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Хуманитарна помош за сите на кои им е потребна заштита, и да се пружи помош е разбирливо само по себе, но мора да видиме дали не можеме да сториме повеќе или мораме да сториме повеќе“, рече Штајнмајер.
Секој, кој во Ирак се спротиставувал на терористичката група Исламска држава и им нудел заштита на цивилите од оваа група, заслужува целосна поддршка од Германија, подвлече тој имајќи ги в предвид ирачките Курди. Зборот „оружје“ Штајнмајер не го спомена.
Претходно министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен не ја исклучи можноста за достава на воена опрема како оклопни возила или детектори за скриени експлозиви, односно „не смртоносна“ опрема за ирачката армија. Дополнителната поддршка Фон дер Лајен ја најави по средбата со нејзиниот британски колега Мајкл Фелон. „Целта е со голема брзина да можеме да пружиме европска помош“, рече министерката. Опремата би била наменета само за ирачката армија, а не и за курдските сили, кои на северот на земјата се борат против групата Исламска држава. Опсегот и видот на воената помош сѐ уште не бил дефиниран.