Селтик ја шокираше Барселона, Бајерн пресилен за Лил
8 ноември 2012Фудбалерите на Бајерн Минхен го задржаа првото место во својата група, откако на „Алијанц арената” го декласираа Лил со 6:1 во пресметката од четвртото коло од Лигата на шампионите. Хет трик за Германците постигна Клаудио Пизаро, а на голгетерската листа двапати се запиша Швајнштајгер и по еднаш Робен и Крос. Почесниот гол за Лил, го постигна Калу.
„Реков и пред почетокот на пресметката, дека оваа победа ни е неопходна, исто колку и добрата подготовка во пресрет на следното гостување кај Валенсија, како и домашна победа над БАТЕ Борисов во последниот дуел. Очигледно е дека имавме многу расположени фудбалери во првото полувреме. Постигнавме два гола од слободен удар, нешто што го работиме на тренинзите, а и формата на нашиот противник не беше на завидно ниво. Не сакам да ги споредувам работите, но тоа е реалната ситуација”, вели во изјавата за медиумите Јуп Хајнкес, тренерот на Бајерн Минхен.
Во вториот меч од групата Ф, Валенсија беше поуспешна од Бате Борисов со 4:2 и со 9 бода се израмни според бројот на поени со Бајерн на врвот на табелата.
Шок во Глазгов
Најголемото изненадување го приредија фудбалерите на Селтик, кои славеа победа над Барселона на домашен терен со 2:1. Заслужни за победата беа Ванјама и Ват, а единствениот погодок за каталонците го постигна Меси пред самиот крај.
Со овој триумф, шампионот на Шкотска на табелата и‘ се приближи на водечката Барса. Во вториот натпревар од групата Г, Бенфика беше поуспешна од Спартак Москва со 2:0.
Англискиот шашмпион Челси во последната минута славеше над Шахтјор со 3:2, со што се проби на првото место во групата Е. Резервниот играч Мозес му ја донесе победата на лондонскиот клуб во последните моменти, откако претходно стрелци на головите беа Торес и Оскар и два пати Вилијан на спротивната страна. Јувентус во Торино, рутински триумфираше над норвешкиот Нордсјеланд со 4:0.
Манчестер Јунајтед не дозволи изненадување и се пласираше во втората фаза од најелитното фудбалско натпреварувње. За само 3 минути, водството од 1-0 на Брага, беше израмнето со голот на Ван Перси, а потоа следуваа головите на Руни преку пенал и Ернандес во последната минута. Трите гола на Јилмаз му донесоа гостинска победа на Галатасарај над романски Клуж (1:3).
Следното коло во Лигата на шампионите се игра за две недели.