1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седат ли Романците и Бугарите на спакувани куфери?

Томас Колман / Александар Методијев24 декември 2013

Романија и Бугарија можат од 01.01.2014 година неограничено да работат во другите земји-членки на ЕУ. Но, експертите сметаат дека тие со желба за иселување од Романија и Бугарија се веќе во странство.

https://p.dw.com/p/1AdHo
Migration von Arbeitskräften von Rumänien nach Deutschland
Фотографија: DW/C. Ştefănescu

Ницу најрадо би останал во својата татковина Романија. Тој како електричар 25 години работел во голем снабдувач со електрична енергија на западот од земјата, кој порано бил државна компанија, а сега е преземен од странски инвеститор. Во последните години многу од неговите колеги ги загубија работните места. Но, на 45-годишникот му било дозволено да остане на работа.

„Поради персоналниот менаџмент морав да работам двојни смени. Бев премногу уморен, што двапати задремав при возење на автопат“, вели Ницу, кој не сака да си го открие своето презиме. На крајот и тој ја загубил својата работа.

Да најде нова работа во приватниот сектор или, пак, самиот да се вработи, тој мора да заврши квалификациски курс, иако би работел во истата област во која бил ангажиран повеќе од две децении. Курсот чини околу 1.000 евра и невработениот Ницу мора сѐ сам да си плати. А, тоа се повеќе од две просечни плати во Романија.

Symbolbild - Chemiker im Labor
За висококвалификуваните работници полесно се наоѓа работа западните членки на ЕУФотографија: Fotolia/kasto

„Не знам ни како ќе продолжам да ги финансирам студиите на ќерка ми“, вели електричарот. Затоа, тој размислува од 2014 година да бара работа во Западна Европа, на пример во градежништво или во земјоделие. Но, тој не е сигурен во тој чекор: „Бидејќи ризикот е многу голем човек како Јужноевропеец да биде експлоатиран во странство“.

И покрај слободното движење на работната сила во ЕУ, која ќе важи и за Романија и Бугарија од 01.01.2014, „луѓето не седат врз спакувани куфери“, смета Свен-Јоахим Ирмер, раководител на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Романија и Република Молдавија. Тоа што жителите на ЕУ бараат работа или студентски места во другите земји од Унијата е сосема нормално. За „поплава од мигранти, како што предупредуваат многу медиуми во Западна Европа, не станува збор.

Легални работни места во странство - ништо ново за Романија и Бугарија

Романија и Бугарија од 2007-ма година се членки на ЕУ. Граѓаните на овие земји смееја легално да работат во Германија и пред 2014 година, доколку имале дозвола за работа од германскиот Завод за вработување. Висококвалификуваните, кои се ангажирани во својата струка, како и членовите на нивните семејства и студентите смееја неограничено да работат во Германија. Промените од 01.01.2014 година се однесуваат пред сѐ на необразованите работници од Романија и Бугарија, кои порано во Германија смееја да работат како сезонски работници по шест месеци, а сега ќе можат да бараат долгорочна работа.

Законските рестрикции во пракса тешко можат да ги запрат доселеничките бранови, смета Викторија Стоициу, програм-менаџер во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Романија, која меѓу другото ја истражува и работничката миграција. „Наместо тоа, тие ја поттикнуваат нелегалната миграција“, вели Стоициу.

Faire Mobilität und Arbeitnehmerfreizügigkeit Symbolbild
Пред 2014 година, сезонските работници од Бугарија и Романија смееја во Германија да работат само по шест месециФотографија: picture-alliance/dpa

Сѐ повеќе Бугари по студиите во странство се враќаат дома

Точни бројки нема за тоа колку Романци планираат по 01.01.2014 да се преселат во западноевропските земји од ЕУ. Во моментов се проценува дека во странство живеат повеќе од три милиони Романци.

Во Бугарија, пак, неодамна Институтот за истражување на јавното мислење „Афис“ ги праша граѓаните за нивните потенцијални планови за иселување од земјата. Резултатот покажа дека околу 17 проценти од Бугарите на возраст меѓу 15 и 55 години, значи околу 400.000 луѓе, размислуваат да ја напуштат земјата од 2014 година и да побараат работа во некоја друга земја-членка на ЕУ. Но, ова не е некаков нов феномен. Анкетите уште во 2008-ма година покажуваа дека петтина од Бугарите сакаат да се иселат од земјата.

Дитер Емерт, кој раководи со бугарското претставништво на германската компанија „Грамер“, очекува дека пред сѐ техничарите и инжинерите од Бугарија имаат одлични шанси на германскиот пазар на труд.

„Германија излегува од рецесија и итно ѝ е потребна таква работна сила“, додава Емерт. Според него искуствата на Бугарите во Германија потоа ќе бидат многу значајни за бугарската индустрија. „Но, прашањето е - како Бугарија потоа ќе ги задржи овие луѓе?“, смета Емерт.

Со тоа прашање се занимава и Мила Натудова. По стажирање поврзано со менаџмент во САД, таа денес е ангажирана во асоцијација на Бугари образовани во странство, наречена „Тука и таму“. Поранешните студенти во странство по нивното враќање во Бугарија се соочуваат со бирократија, ограничени можности за напредување во кариерата и ниски плати, потврдува Натудова. Таа смета дека тоа мора да се промени, за Бугарија да стане поатрактивна за висококвалификуваните кадри.

„И покрај сето тоа, според нашата анкета, се’ повеќе луѓе се подготвени по завршувањето на студиите во странство да се вратат во Бугарија“, објаснува Натудова.