Стопирање на Северен тек 2 му помага само на Путин
12 февруари 2021Судбината на гасоводот Северен тек 2 е една од малубројните надворешнополитички теми кои не „потонаа“ во поплавата вести поврзани со коронавирусот. Апсењето на Алексеј Навални и гушењето на протестите на кои се бараше негово ослободување, повторно на насловните страници ја „лансираа“ и приказната околу Северен тек 2, и тоа по полугодишна пауза. И тогаш, на почетокот на август, токму Навални беше „виновен“ дека се зборува и се пишува за гасоводот - повод беше труењето на рускиот опозициски политичар.
Енергетскиот проект, кој од самиот почеток ја носеше ознаката „спорен“, така стана централно прашање и тема од особена сензибилност во германско-руските односи. Но, дали Берлин е воопшто подготвен да промени нешто по тоа прашање? Сомнежите се оправдани.Веќе одамна се критикува идејата за гасоводот кој директно би ги поврзувал Русија и Германија, преку цевки поставени на дното на Балтикот.
Критики има уште од моментот кога беа потпишани договорите за изградба. А, Северен тек 1 е всушност во погон уште од 2011 година. Но, запирањето на изградбата на вторите цевки стана реално сценарио дури откако САД на крајот на 2020 година ги усвоија санкциите против фирмата која учествува во реализација на овој проект. Отпорот од Вашингтон дополнително го запре темпото на изградба на последните километри од гасоводот пред германскиот брег.
Зошто Германија не сака да отстапи?
А дискусијата повторно се вжешти и во Германија. Најмногу од сите политичари опозициската партија на Зелените бара непосредно запирање на градежните работи, при што се повикува на судбината на Навални и состојбата во која се граѓанските права во Русија. Остри мерки кон Русија - оваа идеја ја поддржуваат и одделни политичари од редовите на владеачката Унија, ЦДУ/ЦСУ.
Но, германскта влада на таквите барања секогаш реагира на ист начин - се работи за економски, а не за политички проект. За време на една конференција за медиумите со францускиот председател Емануел Макрон, сојузната канцеларка Ангела Меркел, веројатно по стоти пат, рече дека постои можност поради апсењето на Навални да се прошират санкциите против Русија. Но, тоа повторно на никој начин засега не влијае на нејзиниот став за Северен тек 2.
Тоа „засега“ не би требало да се преувеличува. Германија нема да запре со изграбата на гасоводот, и за тоа постојат повеќе причини. Таквиот потег примарно би ја уништил довербата на економијата во политиката, на двете страни таа доверба се смета за екстремно важна. А, Берлин во тој случај би се соочил и со бројни тужби за плаќање отштета во износи со милијарди - бидејќи самиот проект во Германија ги помина сите инстанци и ги доби сите потребни дозволи.
Посебни билатерални односи...
Но, не станува збор само за пари. Откажувањето од гасоводот Северен тек 2 воедно би значело и раскинување на 50-годишната традиција на билатерални односи меѓу СР Германија и Москва, па и на енергетски план. Стилот на германската дипломатија не го красат радикални потези, особено не кон Русија, земја со која Германија има посебни односи, односи кои и историски се поприлично оптоварени. Повлекувањето на рачна кочница во моментов би значело огромен губиток на угледот и на самата канцеларка Меркел, но и на нејзината владеачка коалиција. Тие овој проект не го доведоа под знак прашалник ни по руската анексија на Крим, а ни по војната на истокот на Украина, или по убиството на рускиот опозициски политичар Борис Немцов, а ни по нападот на руските хакери на Бундестагот.
Повеќе:
-Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?
-Кој има поголеми штети од случајот Навални - Путин или Германија?
-Северен тек 2: Што носат новите американски санкции?
„Гаснење“ на проектот по евентуална одлука на ЕУ за Берлин веројатно би бил единствениот пат да се избегне плаќање на високи отштети. Таква отштета најмногу посакуваат Полска и балтичките републики. Но, прашање е дали ЕУ по тоа прашање воопшто би можела да постигне консензус. Веќе и самото продолжување на релативно благите санкции на ЕУ против Русија поради постапката на Москва во Украина, беше ставено под знак прашалник - од страна на Италија или на Австрија. На Брисел, изгледа, воопшто не му се брза по тоа прашање. Со причина.
Закани - да или не?
Поради сето тоа дискусиите околу можното запирање на проектот Северен тек 2 во најдобар случај се самозалажување. Барањата за запирање на изградбата на (речиси) готовиот гасовод така се претвораат во празни зборови - по кои не следат никакви конкретни потези. А во очите на Кремљ откриваат слабост на Германија и на ЕУ. И тоа веќе направи огромна штета по прашање на имиџот.
Тие илузорни апели всушност имаат сосема поинакво влијание од очекуваното - тие го зајакнуваат рускиот претседател Путин во однос кон ЕУ, но и на меѓународната сцена. Некако под мотото „Ете, гледајте! Европа е немоќна!“. Со оглед на сето тоа, никого всушност не би требало да го зачуди тоа што главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, беше понижен за време на престојот во Москва - токму во тој момент Москва соопшти оти ќе протера тројца европски дипломати, меѓу кои и еден Германец.
Сигнали кои Москва ги разбира
Значи, не треба да се запре со изградбата на Северен тек 2, туку со испраќањето празни закани. Тоа е стар и проверен дипломатски рецепт за успех - да се заканува само со оние работи за кои некој е подготвен да ги спроведе и во пракса. Нема многу простор за санкции против Русија, тоа го знаат искусните политичари. За време на пандемијата овој простор за маневрирање е дополнително намален. А, тоа конкретно не значи дека Берлин не располага со инструменти со кои може да и' се спротивстави на Москва, без разлика дали се работи за постапките кон опозицијата, во врска со кршење на човековите права или на меѓународното право.
Во поновото минато можеме да се сетиме на примерот на протерување на дипломатите по труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија, или на економските санкции откако над источна Украина беше соборен патничкиот авион на летот МХ17. Москва и тоа како ги разбира таквите сигнали. Тоа, во секој случај, е подобро од празните закани за запирање на изградбата на гасоводот Северен тек 2.